Економија
Производството на iPhone останува во Кина
Дел од претседателската кампања на Доналд Трамп, кој на 20 јануари ќе го замени Барак Обама и ќе ја предводи САД, се засноваше на ветувањата за враќање на американското производство на американско тло, но од овие ветувања на крајот сепак нема да има ништо.
Според објавите на интернет страницата phonearena.com, Apple е првата американска компанија која дури и разговарала со своите добавувачи од Кина за можната преселба на производствените погони во САД. Foxconn според изворот дури и може да биде заинтересиран за ваков развој на ситуацијата но, повеќето добавувачи како што Pegatron оваа идеја воопшто не ги воодушеви, и тоа од повеќе причини.
Една од нив е она што целокупното преселување од една на друга локација ќе предизивика големи и непотребни трошоци. Тогаш, компанијата Lens Technologies изјави дека американските работници не се флексибилни во однос на работното време, и дека очекуваат значително повисоки плати од работниците од Исток.
Затоа, не е тешко да се заклучи дека преку алокација на производството во САД на крајот нема да има ништо, бидејќи Apple е премногу зависна од нејзините добавувачи од Кина, за да се одлуќи на таков чекор, само за да се спроведе идејата на Трамп. /крај/мф/дѓс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.