Вести
Нови 30 жртви во затворски безредија во Бразил
Најмалку 30 луѓе се убиени во текот на бунтот кој избувнал ноќта кон неделата по локално време во најголемиот затвор во сојузната бразилска држава Рио Гранде ду Норте, во северниот дел од земјата, што е последен во низата крвави немири во тамошните затвори.
Медиумите информираат дека бројот на жртвите постzatојано се зголемувал од првичните информации, па се стравува дека бројот на загинатите може да биде и поголем. Во извештаите се истакнува дека во затворот имало околу 1.200 осуденици, а неговиот капацитет е предвиден за 620 лица.
Во неделата, исто така, е регистриран уште еден инцидент во бразилски затвор, кога 20 затвореници го урнале ѕидот во заворот во јужната држава Парана. Двајца од осудениците притоа биле застрелани од затворските чувари кои се обиделе да го спречат
Почетокот на 2017 година во Бразил го одбележаа неколкуте затворски бунтови со крвави исходи. Еден од најголемите во историјата на оваа латиноамериканска земја се случи на 1-ви јануари во градот Манаус, во државата Амазонија, кога во судир меѓу осудени припадници на две ривалски групи, загинаа најмалку 56 луѓе.
Во затворот во државата Рораима, на северот од Бразил, на 6-ти јануари беа најдени телата на 33 егзекутирани затвореници, по бунтот кој траеше неколку часа.
Во последните затворски немири главно жртвите се припадници на две ривалски групации на бразилската наркомафија, познати како Црвената команда (Comando Vermelho – CV), која потекнува од Рио де Жанеиро и Првата команда на престолнината (Primeiro Comando da Capital – PCC), најмоќната бразилска криминална организација која потекнува од Сао Паоло.
Така, во медиумите беше наведено дека во затворот во Рораима главно се осудените припадници на Црвената команда, кои се сојузници на локалната криминална организација Северна фамилија (Familia do Norte- FDN), којашто според полицијата е одговорна за масакрот во Манаус, од ноќта од неделата кон понеделникот.
Примирјето меѓу двете криминални групации „пропаднало“ минатата година, резултирајќи со повеќемесечни крвави затворски пресметки и судири меѓу нивните припадници, а во јавноста се појавија стравувања хаосот да не се прошири и на другите затвори низ земјата.
Досега најголемиот затворски масакр во Бразил се одигра во октомври 1992 година во затворот кај Карандиру, во Сао Паоло, кога беа убиени 111 затвореници, во акција на воената полиција.
Познато е дека бразилските затвори се пренатрупани, а условите во нив се страшни, што и во минатото поттикнуваше крвави бунтови. Меѓународните невладини организации остро ги критикуваат бразилските власти поради многу лошо организираниот затворски систем./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.