Свет
ЕУ против селењето на амбасадата на САД во Ерусалим
Високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, предупреди во понеделникот вечерта дека е против секоја еднострана акција во врска со контроверзната изјава на новиот американски претседател Доналд Трамп за префрлување на амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим.
„Мислам дека е многу важно за сите нас да се воздржиме од еднострани акции, особено од оние коишто би имале тешки последици на големи области од јавното мнение во светот“, предупреди шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки во Брисел.
Доналд Трамп, кој во петок ќе ја преземе должноста претседател на САД, вети дека ќе го признае Ерусалим за престолнина на Израел и во тој град ќе ја премести американската амбасада.
Статусот на Ерусалим е еден од големите камења на сопнување во изралеско-палестинските преговори. Палестинците сакаат Ерусалим, особено неговиот источен дел кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година, да го прогласат за главен град на својата идна држава. Израелската страна, пак, објави дека Ерусалим го смета за своја неделива и историска престолнина.
Во Париз во неделата делегации на околу 70 земји и организации се собраа на блискоисточната мировна конференција и повторија дека се заземаат за решението со две држави, палестинска и израелска и палестинска и порачаа дека нема да признаат еднострани акции кои би го загрозиле решението постигнато со преговори, особено по прашањето на границите и на статусот на Ерусалим.
Могерини во понеделникот во Брисел тврдеше и дека министрите на конференцијата на која присуствуваше и американскиот државен секретар Џон Кери од администрацијата на демократот Барак Обама на заминување, биле единствени и демантираше дека Велика Британија ја блокирала заедничката изјава на Париската конференција.
„Тоа не одговара на она што се одвиваше на состанокот. Изјавите за тоа прашање беа неофицијални“, тврди шефицата на дипломатијата на ЕУ.
Лондон, чии претставници беа многу резервирани во Париз, во неделата не ја потпиша заедничката изјава.
„Имаме одредени резерви за меѓународната конференција чија цел би требало да биде поттикнување на мирот меѓу двете страни, без нивното присуство, а конференцијата се одржува спротивно на волјата на Израел“, се прецизира во писмената изјава на британскиот Форин Офис, за која се дозна во понеделникот.
Овие пораки доаѓаат во многу експлозивна атмосфера кога решението за две држави се чини недостижно, речиси 70 години по основањето на Државата Израел и почетокот на конфликтот. Пораката од Париз, исто така, дојде пет дена пред стапувањето на власт на новата американска администрација која зазема силни произрелски ставови.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени во неделата дека конференцијата е „бескорисна“, а палестинската страна изрази задоволство од заклучоците.
Израел остро се спротиставува на секој мултилатерален пристап на ова прашање и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро го критикуваше и пред конференцијата и оцени дека станува збор за палестинска измама под покровителство на Франција, за дополнително да бидат заземени антиизраелски ставови.
Израел тврди дека споменатата меѓународна конференција и неодамнешната резолуција на Советот за безбедност на ОН, за што ја обвини администрацијата на американскиот претседател на заминување Барак Обама, е оддалечување од мирот, бидејќи ги поттикнуваат Палестинците на одбивање на директни преговори со Израел. Министерството за надворешни работи во Ерусалим додаде и дека доколку земјите кои беа застапени во Париз навистина сакаат напредување на мировниот процес, би требало да извршат врз палестинскиот челник Махмуд Абас да ги прифати повикот на премиерот Бенјамин Нетанјаху на директни преговори.
„Конференцијата во Париз беше вештачки обид на лица надвор од Блискиот исток да им диктираат решенија на луѓето на Блискиот исток кои мора да живеат со нивните последици“, се заклучува во изјавата на израелското министерство за надворешни работи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фон дер Лајен најави нови санкции против Иран
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја осуди „прекумерната употреба на сила и континуираните ограничувања на слободата“ во Иран. Таа рече дека информациите за зголемениот број на жртви се застрашувачки.
„Европската унија веќе целосно го вклучи Корпусот на Исламската револуционерна гарда во својот режим на санкции за човекови права. Во тесна соработка со високата претставничка и потпретседателка Каја Калас, брзо ќе бидат предложени дополнителни санкции против оние што се одговорни за репресијата. Ние стоиме зад иранскиот народ кој храбро маршира за својата слобода“, рече таа.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.
фото/Depositphotos
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.

