Скопје
Фрлени дополнителни 120 тони сол низ скопските улици

Дополнителни 120 тони сол се фрлени во четврток на градските булевари и улици. Сите булевари и улици кои се во надлежност на Градот Скопје се исчистени и истите се проодни.
Во расчистувањето на тротоарите и јавните површини ангажирани се повеќе од 100 работници и механизација од ЈП „Комунална хигиена“, работници и механизација од ЈП „Паркови и зеленило“, како и работници од ЈП „Водовод и канализација“ кои работат на чистење на сливниците.
„Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување“, се вели во соопштението и се апелира граѓаните да ги исчистат приодите до нивните објекти.
JП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска: Висар Ганиу фатен со криминално легализирање дивоградби со фалсификат, документи се доставени до обвинителство

„Висар Ганиу фатен со криминално легализирање дивоградби со фалсификат, за што документи се доставени до обвинителство и има изјави кои сведочат за начинот на кој ги спроведувал овие незаконски постапки, институциите уште се мислат кога да ПОЧНАТ да постапуваат“, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Во меѓувреме Висар си брише имотни листови од Катастар, замислете овие луѓе кои до вчера имале имот, денес немаат, поради неговите фалсификати.
Фалсификатот го запишувал во Катастар на 20.03.2025 година сред денови на жалост за трагедијата во Кочани, користејќи период кога мислел дека нема никој да примети што прави.
1. Барање за упис во катастар
2. Решение за упис во катастар со фалсификат документи
3. Барање за бришење имотен лист од катастар
4. Решение за бришење да може да го уништи досието со фалсификатите
5. Катастар за 24 часа го брише досието со што директно овозможува да можат да се уништат докази за делото
Зошто само 2% доверба имаат граѓаните во правосудството? Во моментов во затвор лежат луѓе за влез во Собранието на 27 април и за 100 ќебапи. Таму се постапило веднаш! Во Чаир кај Висар Ганиу ќе влезат да обезбедат докази за некоја година, нека троши кеш и нека ужива до тогаш!“, додаде Арсовска.
Македонија
Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, полека се враќа протокот на струјата

Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, но БППЗ Скопје во моментот се уште вршат догаснување, извести Центарот за управување со кризи.
„ЕВН дел по дел полека го враќаат протокот на струјата во нисконапонскиот дел во нормала. За краток период се очекува целосно нормализирање на состојбите“, соопшти ЦУК.
Македонија
Герасимовски: Зелениот регистар е гаранција за зачувување на урбаното зеленило

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека секој граѓанин, јавно и без никакво најавување, може да има целосен увид во Зелениот регистар преку ГИС платформата на Општината.
„Секое дрво е важно. Создаваме општина во која секој граѓанин има пристап до податоци за состојбата на зеленилото. Воведуваме поголема контрола и транспарентност во урбаното планирање“, изјави Герасимовски.
Досега се регистрирани над 10.000 дрвја, од кои 8.000 се листопадни и 2.000 зимзелени. Секое е мапирано со фотографија, состојба и латинско име. Најзастапени видови се липа, јавор, костен и јасен.
„Зелениот катастар ни овозможува реална слика за тоа што го имаме и што ни недостига. Тоа е суштинска алатка за долгорочна заштита на зеленилото“, додаде градоначалникот.
Покрај Зелениот регистар, преку ГИС платформата се достапни и други услуги – електронски упис на првачиња, увид во урбанистички планови и јавни површини. Општина Центар е првата општина која го воведе ГИС системот и од тогаш континуирано работи за надградба и усовршување на оваа дигитална технологија, се со цел поголема транспарентност пред граѓаните, побрз пристап до информации, подобро управување со истите и поголема ефикасност во оперативното работење на секторите, велат од Општината.