Македонија
Во недела истекува рокот на Груевски за формирање влада

Мандатарот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која на последните предвремени парламентарни избори освои мнозинство од 51 пратеник, наспроти СДСМ со 49, го троши 20-дневниот рок за преговори за формирање собраниско мнозинство со кое би составил влада.
Ако во тоа не успее, Груевски треба да го врати мандатот. Сепак, од она што до сега се знае, Груевски имал само една средба со Али Ахмети, лидерот на ДУИ, потенцијалниот партнер за нова влада. Според оскудните соопштенија по средбата, на неа не станало збор за формирање заедничка влада, туку само се констатирале состојбите по изборите.
„Двајцата лидери разменија мислења за актуелната политичка ситуација по изборите и за претстојните предизвици во тој правец“, соопштија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на 18 јануари. Најавени беа нови средби, но засега нема официјална потврда дека такво нешто се случило.
На Груевски му остануваат уште само седум дена за исполнување на тој рок, а сите прашања околу новото собраниско мнозинство се и натаму отворени.
На 19 јануари Ахмети во штабот на СДСМ се сретнал и со Зоран Заев, но и од оваа средба соопштенијата беа оскудни и се велеше дека начелно било разговарано за ставовите што двете страни ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања. И од таму беа најавени нови средби.
Во неделата, Бујар Османи, портпаролот на ДУИ излезе со изјава дека при формирањето нова влада треба да се почитува принципот „победник во македонскиот со победник во албанскиот блок”, во интервјуто за Гласот на Америка. Османи ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.
Според оваа изјава, и покрај тоа што се шпекулираше дека четворица избрани пратеници од ДУИ се противат на старо-нова коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, сепак, поверојатно е дека ДУИ со освоените 10 пратенички места е поблиску до повторно формирање на владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ со 51 мандат, отколку со СДСМ со 49 пратенички мандати.
Сепак, тука е и платформата на трите партии на Албанците од Македонија за тоа што треба да биде услов за влегување во коалиција со која и да е македонска политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати повтори дека за нив се неприфатливи барањата за двојазичност и за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. „За овие две прашања нема да преговараме дури и по цена да не бидеме во владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со т.н. Мајски договор од 2008 година беше воспоставен принципот на коалицирање на двете победнички партии меѓу своите етнички заедници. Груевски неодамна изјави дека ако овој пат не се почитува овој воспоставен принцип, тогаш неговата партија во иднина веќе нема да има обврска да коалицира со победничката партија кај Албанците во Македонија.
СДСМ пак не излегле со реакција и став во однос на барањата на Албанците во платформата. Воведувањето на двојазичноста беше дел од ветувањата на СДСМ за време на кампањата за изборите од 11 декември.
На 29 јануари истекува рокот до кога треба мандатарот Никола Груевски да договори парламентарно мнозинство./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е за ресетирање на правосудниот систем

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина.
Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив.
Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.
Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.
,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре сончево време со локална облачност

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.