Македонија
Последен ден за формирање Влада

Мандатарот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која на последните предвремени парламентарни избори освои мнозинство од 51 пратеник, наспроти СДСМ со 49, во недела треба да каже дали успеал да формира собраниско мнозинство со кое би составил влада.
Ако во тоа не успее, Груевски треба да го врати мандатот. Од она што до сега се знае, Груевски имал само една средба со Али Ахмети, лидерот на ДУИ, потенцијалниот партнер за нова влада, на која, според оскудните соопштенија по средбата, не станало збор за формирање заедничка влада, туку само се констатирале состојбите по изборите.
Демократската унија за интеграција во петок не успеа да постигне внатрепартиски договор за тоа со кого би коалицирале во идната влада, па најавија продолжување на состанокот во сабота.
„Состојбата е малку поделикатна за одлучување. Знаеме дека и роковите се кратки, затоа и овие консултации се интензивни, но моментално немаме одлука, па ќе продолжиме и во текот на утрешниот ден. Разговараме со сите политички партии, прашање на одлука во ДУИ е која опција ќе ја избереме. Во ДУИ правиме анализи за и против за аргументите за секоја опција, сè уште немаме одлука, претседателот прави анализи со членовите на партијата во сите нивоа и со луѓе кои не се од ДУИ, но моментално немаме одлука“, изјави во петок вечер Бујар Османи, портпарол на ДУИ.
Сите прашања околу новото собраниско мнозинство и натаму се отворени, особено ако се знае дека ден по средбата со Груевски, Ахмети во штабот на СДСМ се сретнал и со Зоран Заев, но и од оваа средба соопштенијата беа оскудни и се велеше дека начелно било разговарано за ставовите што двете страни ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања. И од таму беа најавени нови средби.
Во неделата, Бујар Османи, портпаролот на ДУИ излезе со изјава дека при формирањето нова влада треба да се почитува принципот „победник во македонскиот со победник во албанскиот блок”, во интервјуто за Гласот на Америка. Османи ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.
Според оваа изјава, и покрај тоа што се шпекулираше дека четворица избрани пратеници од ДУИ се противат на старо-нова коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, сепак, поверојатно е дека ДУИ со освоените 10 пратенички места е поблиску до повторно формирање на владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ со 51 мандат, отколку со СДСМ со 49 пратенички мандати.
Сепак, тука е и платформата на трите партии на Албанците од Македонија за тоа што треба да биде услов за влегување во коалиција со која и да е македонска политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати повтори дека за нив се неприфатливи барањата за двојазичност и за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. „За овие две прашања нема да преговараме дури и по цена да не бидеме во владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со т.н. Мајски договор од 2008 година беше воспоставен принципот на коалицирање на двете победнички партии меѓу своите етнички заедници. Груевски неодамна изјави дека ако овој пат не се почитува овој воспоставен принцип, тогаш неговата партија во иднина веќе нема да има обврска да коалицира со победничката партија кај Албанците во Македонија.
Од друга страна пак Теута Арифи од ДУИ, во едно неодамнешно гостување во телевизија, рече дека овој договор не може да важи повеќе, затоа што во петте точки, не се содржи само начелото да коалицираат победниците, туку постојат и други точки, кои до сега не биле спроведени, па затоа не може да се смета на него.
СДСМ пак не излегле со реакција и став во однос на барањата на Албанците во платформата. Воведувањето на двојазичноста беше дел од ветувањата на СДСМ за време на кампањата за изборите од 11 декември.
На 29 јануари истекува рокот до кога треба мандатарот Никола Груевски да договори парламентарно мнозинство, во спротивно треба да го врати,а што ќе се случува потоа, различни аналитичари и универзитетски професори различно го толкуваат Уставот.
Некои велат дека мандатот треба да го добие Зоран Заев, од СДСМ како партија која освои најмногу гласови на изборите по ВМРО-ДПМНЕ, а некои велат дека треба да се оди на нови избори, затоа што не можело оној кој изгубил на изборите да биде мандатар./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.