Свет
Трамп: Ова не е мерка против муслиманите
Американскиот претседател Доналд Трамп во неговата писмена изјава во неделата дека неговата одлука за привремено суспендирање од 90 до 120 дена за забрана за влез во САД во земјата за имигранти и бегалци од седум муслимански земји не е указ насочен против муслиманите, туку таа мерка е донесена поради безбедност на државата во којашто сепак многу негови противници излегоа на протести.
„За работите да бидат појасни, не станува збор за забрана чијашто цел се муслиманите, како што медиумите тоа погрешно го пренесуваат. Тоа нема никаква врска со верата, станува збор за тероризмот и безбедноста на нашата земја“, порача американскиот претседател Доналд Трамп.
Нагласува дека во светот има повеќе од 40 земји во коишто мнозинството од населението го сочинуваат муслиманите, но не се опфатени со неговиот указ. Додава дека ќе продолжи издавањето на визи за сите земји кога по 90 дене ќе започне да се спроведува новата безбедносна политика.
„Повторно ќе им издаваме визи на сите земји, штом ќе бидеме сигурни дека сме спровеле анализа и сме ја имплементирале најсигурната политика, низ следните 90 дена“, додава Трамп.
Американскиот претседател во петокот воведе четиримесечна забрана за прифаќање бегалци во САД и привремено забрани влегување во земјата на државјани од Сирија, Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан и Јемен, со образложение дека таа мерка ќе помогне Американците да бидат заштитени од терористички напади. Притоа се предвидува поединечно разгледување на секој случај за сите оние државјани на споменатите земји кои веќе имаат визи, дозволи за престој, се школуваат или лекуваат во САД.
Сепак, десетици илјади противници на Трамп се собраа во некои американски градови и на аеродромите за да протестираат против таа одлука. Во Њујорк, Вашингтон и Бостон бранот протести започна во неделата попладнето, по оние мали протести кои се одигруваа во саботата на аеродромите откако надлежните служби почнаа да ги спроведуваат упатствата на претседателот.
Еден од најголемите неделни протести беше одржан на Менхетен,недалеку од Статуата на слободата во њујоршкото пристаниште, некогашниот симбол за добредојде на американскиот брег. Организаторите процениле дека се собрале десетина илјади луѓе.
Во Вашингтон група се собра кај Белата куќа, извикувајќи пароли за поддршка на бегалците. Двесте демонстранти протестирале на аеродромот „Далес“ крај Вашингтон. Сличен број лица протестирале во неделата и на аеродромот „ЏФК“ во Њујорк, каде што загрижени семејства го чекале роднините кои со часови биле држени на границата.
Организаторите велат дека околу десет илјади луѓе се собрале во Бостон, додеа во Хјустон 500 лица марширале во центарот на градот.
Инаку, и сега фалената политика кон имиграцијата на штотуку заминатиот демократски претседател Барак Обама не можеше да се пофали со некои особени бројки, и беше засилена дури пред крајот на неговиот мандат, меѓу другото и како резултат на критиките од ЕУ дека САД не прават доволно за решавањето на кризата со сириските бегалци. Имено соединетите држави минатата 2016 година примиле и по повеќе десет пати помалку бегалци од Германија, на пример, и повеќекратно помалку од другите европски земји.
Така американската бегалска програма во бројки за 2016-та покажува дека лани на територијата на САД биле примени само 84.995 бегалци од 79 земји. Меѓутоа, забележливо е што речиси третина од нив, или 29.989 бегалци се примени од октомври, при крајот на претседателската кампања, па до крајот на минатата седмица кога Доналд Трамп на 20-ти јануари беше инаугуриран за претседател.
Според националност биле примени 12.587 Сиријци, 9.880 Ирачани, 3.750 Иранци, 9.020 Сомалијци, 1.458 Суданци, 26 Јеменци и еден Либиец.
Од нив 72 отсто биле жени и деца, а 70 отсто од вкупната бројка пристигнале од пет држави: Демократска Република Конго, Сирија, Бурма, Ирак и Сомалија.
САД планирале во 2017 година да примат 110.000 бегалци, или како што потенцираше администрацијата на Обама – 57 отсто повеќе од 2015 година. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела неограничено ќе ѝ испорачува санкционирана нафта на Америка
Венецуела на Соединетите Американски Држави ќе им ја испорачува својата санкционирана нафта на неопределено време, откриле денеска извори блиски до Белата куќа, пишува „Си-ен-би-си“.
Оваа информација доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека Венецуела ќе испорача почетна транша од 30 до 50 милиони барели нафта, која ќе се продава по пазарни цени.
„Тие пари ќе ги контролирам јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека ќе се користат за доброто на народот на Венецуела и на Соединетите Американски Држави“, порача Трамп преку социјалните мрежи.
Според наводите на изворите, 50 милиони барели се само првата пратка, а испораките ќе продолжат неограничено. Американските санкции против Венецуела ќе бидат селективно укинати за да се овозможи транспорт и продажба на нафтата на светските пазари. Приходите од продажбата ќе бидат депонирани на сметки под контрола на САД, а средствата ќе ѝ бидат враќани на Венецуела според одлука на американската страна.
Планот подоцна го потврди и американскиот министер за енергетика Крис Рајт на конференција што во средата во Мајами ја организираше Голдман Сакс.
„Ќе ја пласираме на пазар суровата нафта што доаѓа од Венецуела“, изјави Рајт. „Прво оваа заостаната, складирана нафта, а потоа, неограничено и во иднина, ќе ја продаваме и тековната венецуелска продукција на пазарот.“
Досега, санкционираната венецуелска нафта најчесто завршуваше во Кина, но сега ќе биде пренасочена кон САД. Трамп појасни дека танкери за складирање ќе ја транспортираат нафтата директно до американските пристаништа.
Венецуела, една од основачките членки на ОПЕК, располага со најголемите докажани резерви на сирова нафта во светот, но во моментов произведува околу 800.000 барели дневно, според податоци на енергетската консултантска компанија Кплер. За споредба, САД моментално произведуваат околу 13,8 милиони барели дневно.
Свет
Зеленски бара нова средба со Трамп
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски побара нова средба со американскиот претседател Доналд Трамп, откако нивни претставници повторно разговарале за најспорните прашања во мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.
Киев е под постојан притисок од Соединетите Американски Држави за што побрзо постигнување мир, но инсистира на безбедносни гаранции од сојузниците и ги одбива руските барања за отстапување на источниот дел од Доњецката област и за губење на контролата врз нуклеарната централа Запорожје.
Во разговор со новинари преку „Ватсап“, Зеленски изјави дека сака повторно да се сретне со Трамп за да ја процени неговата подготвеност САД да гарантираат долгорочни безбедносни гаранции, подолги од 15 години, во случај на примирје. Тој го повика Трамп да изврши поголем притисок врз Русија, оценувајќи дека Москва ладно реагира на мировните напори поддржани од САД и продолжува со воздушни напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура.
„Американците во моментов се продуктивни и резултатите се добри. Мора да извршат притисок врз Русија. Имаат алатки и знаат како да ги користат“, изјави Зеленски.
Белата куќа засега не одговори на барањето за коментар за можната нова средба меѓу Зеленски и Трамп.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп: Се сомневам дека НАТО би бил тука за нас ако ни треба, но Америка секогаш ќе биде тука за НАТО
Американскиот претседател Доналд Трамп во подолга објава на својата социјална мрежа Трут соушал го изнесе своето гледиште за НАТО. Тој порача дека се сомнева оти сојузниците би застанале зад Соединетите Американски Држави „ако навистина ни бидат потребни“, но истовремено нагласи дека САД секогаш ќе бидат тука за НАТО, „дури и ако тие не бидат тука за нас“.
Во својата објава не наведе што би значел неговиот став во контекст на неговите претходни закани за преземање на Гренланд, кој е дел од Данска, една од членките на НАТО.
Трамп, исто така, ги презеде заслугите за зајакнувањето на НАТО, тврдејќи дека токму тој ги поттикнал земјите-членки да ја зголемат одбранбената потрошувачка. Тој изјави и дека без него „Русија сега би ја имала цела Украина“, а остро го критикуваше и Нобеловиот комитет затоа што не му ја доделил Нобеловата награда за мир.
Тој додаде дека Америка е обновена под негово водство и дека е „единствената нација од која **Кина и Русија се плашат и која ја почитуваат“.
Објавата на Трамп во целост
„Запомнете, за сите тие големи обожаватели на НАТО, тие беа на 2% од БДП, а повеќето не ги плаќаа своите сметки, СÈ ДОДЕКА ЈАС НЕ ДОЈДОВ. САД, глупаво, плаќаа за нив! Јас ги доведов, со почит, до 5% од БДП, И ТИЕ ПЛАЌААТ, веднаш. Сите велеа дека тоа не може да се направи, но можеше, бидејќи, над сè, сите тие се мои пријатели. Без моето учество, Русија сега би ја имала ЦЕЛА УКРАИНА.
Запомнете и дека јас самостојно ЗАВРШИВ 8 ВОЈНИ, а Норвешка, членка на НАТО, глупаво одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир. Но тоа не е важно! Она што е важно е дека спасив милиони животи. РУСИЈА И КИНА НЕМААТ НИКАКОВ СТРАВ ОД НАТО БЕЗ СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ, И СЕ СОМНЕВАМ ДЕКА НАТО БИ БИЛ ТУКА ЗА НАС АКО НАВИСТИНА НИ БИДЕ ПОТРЕБЕН. СИТЕ СЕ СРЕЌНИ ШТО ЈА ОБНОВИВ НАШАТА ВОЈСКА ВО МОЈОТ ПРВ МАНДАТ, И ПРОДОЛЖУВАМ ДА ГО ПРАВАМ ТОА.
Секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие не бидат тука за нас. Единствената нација од која Кина и Русија се плашат и која ја почитуваат е САД“, напиша Трамп.
Фото: Depositphotos

