Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали од САД дали сугерираат да нема нови избори

Еден ден откако ВМРО-ДПМНЕ јавно се произнесе дека ситуацијата во Македонија е зрела за нови избори, Амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада. Одговорот на новинарското прашање следеше откако не беше постигнат договор за формирање на Влада во уставниот рок и СДСМ излезе со став дека треба да го добијат мандатот, иако тоа не е предвидено со Уставот.
Со оглед на дискусиите во јавноста кои ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова Влада?
Ова прашање го поставуваме јавно бидејки ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно.
ВМРО-ДПМНЕ како партија под чие водство Македонија потпиша декларацијата за стратешко партнерство со САД во 2008 година останува на позициите дека двете земји треба да ја продолжат соработка во духот на таа декларација./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кочани доби ново амбулантно возило – донација од компании

Донирано е амбулантно возило за општата болница во Кочани од страна на приватни компании.
Амбулантното возило е донација на „Аутомотив груп“, „Соникс“ и „Шпаркасе“.
На примопредавањето присуствуваше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски, кој им се заблагодари на компаниите за донацијата.
„Ги повикувам и сите општествено одговорни компании, кои што сакаат да помогнат да донираат, отворени сме за соработка и да помогнеме и на Општата болница – Кочани, меѓутоа да помогнеме и на цел регион“, порача тој.
Приватни компании интензивно се вклучија со донации по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе, а бргу потоа почина и возачот на Брзата помош од тој град кој во текот на целата вечер и утредента носел повредени со амбулантното возило до Скопје и назад, според сведочењата, 11 пати.
Неодамна компанијата „Алкалоид“ најави дека му ја плати стипендијата за студии на младиот Јован Костадинов кој спаси 21 живот во опожарената дискотека „Пулс“, со што стана лицето на хероите во трагедијата.
Македонија
По трагедијата во Кочани целосно се забранува употребата на пиротехниката во затворен простор

Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани го менува Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Пратениците со 87 гласа „за“, без против и без воздржани, по скратена постапка ги поддржаа законските измени кои се однесуваат на забрана на пиротехниката во затворен простор.
Ваквиот предлог ќе биде проследен на разгледување во собраниската Комисија за одбрана и безбедност и во Законодавно-правната комисија.
Пратеникот Тони Јаревски образложи дека измените се со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со вакви хаварии и несреќи.
Истовремено се менува и регулаативата. Глобите за оние кои ќе го прекршат законот ќе биде двојно повисока, а ако се повтори, ќе бидат притворени. Иполицијата ќе има зголемени надлежности во ваквите случаи.
Пратениците кои се собраа првпат по трагедијата во Кочани, Седницата ја почнаа со едноминутен молк.
Македонија
Поради протест, посебен режим на сообраќај утре во Скопје

СВР Скопје известува дека утре (02.04.2025) со почеток во 12.05 часот поради одржување на протест, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Трасата на движење ќе започне пред Работнички дом (зграда на ССМ) на ул. „Мирче Ацев“ кон Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“ во продолжение по ул. „Димитрија Чупувски“ до седиштето на Стопанска комора, десно по бул. „Васил Главинов“ до бул. „Илинден“ пред Влада на РСМ.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.