Регион
Вучиќ: Србија не прави тензии околу Косово, Приштина постојано ги обвинува Србите

Српскиот премиер Александар Вучиќ ја повикал ЕУ да каже дали ја говори вистината околу преговорите во Брисел, додавајќи дека на Србија „најмалку и одговара подигнувањето на тензиите околу Косово“, пренесуваат српските медиуми.
Одговарајќи на прашањето дали на маса било признавањето на Косово, тој рекол дека во Брисел „правилата се менуваат на секои 15 минути“ и дека албанската страна ја има поддршката на ЕУ. Вучиќ навел дека пред состанокот со косовските челници ги добил темите на разговор, а потоа кога состанокот започнал, тие теми биле променети.
„Останаа две теми. Ние почнавме да разговараме за нив, но аргументите не можете да ги победите. Заедницата на српските општини (ЗСО) постои веќе четири години, и таа е суштината на Бриселскиот договор, најважниот договор кој беше потпишан со Албанците. Сепак, тоа веќе четири години стои во место и никој не се возбудува. Ни беше речено „тишина, нема разговори околу ЗСО“. Потоа ние престанавме, а тие рекоа дека треба да го решиме прашањето за мостот“, рекол Вучиќ.
Српскиот премиер додал дека Приштина „ги обвинува и навредува Србите“, а за време на преговорите го прекршува „она што било договорено пред 15 минути“. „Тие не сакаат никаков договор. Велат дека сè е српска пропаганда. Кога ќе им го дадеме тоа што го бараат, тие велат дека тоа повеќе не важи. Слободно нека речат што излажав и нема да бидам она што сум денес. Не сум луд, ова на Србија најмалку и одговара, економијата се подобрува, но на некој очигледно тоа му одговара“, додал тој.
Говорејќи за разговорите во Брисел, српскиот челник изјавил дека тие „во главно се вртат во круг“. „Повторуваат како папагали, на секои пет минути. Николиќ ќе каже дека Косово е Србија, тие дека Косово е независно, па ние ќе кажеме дека Косово е Србија… Разговорите се однесуваат на мостот и нивната паника, иако сè беше договорено на 8-ми декември. Насилниците од Приштина сакаат на сила да направат нешто“, навел Вучиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Генерален штрајк во Грција по најавата за работа од 13 часа на ден

Животот во Грција денес ќе застане поради генерален штрајк против плановите на конзервативната влада за воведување можност за 13-часовен работен ден. Транспортот во Атина, возовите и фериботите ќе бидат во прекин, а ќе учествуваат и наставници, болнички работници и државни службеници.
Протести се најавени околу пладне во целата земја против реформата што ја заговара конзервативната влада на Киријакос Мицотакис.
Главниот синдикат на приватниот сектор GSEE, кој го предводи штрајкот заедно со синдикатот на јавниот сектор ADEDY, објави дека реформата „ги загрозува здравјето и безбедноста на работниците и ја уништува рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот“.
Прокомунистичкиот синдикат ПАМЕ ја обвини владата дека се обидува да воведе модерно ропство за работниците и да ги принуди да трпат нехумано работно време и мизерни плати.
Синдикатот исто така го отфрли она што го нарече сурова дерегулација, што бргу напредува во Грција од должничката криза во 2009 година.
Најавениот закон би овозможил работа од 13 часа на ден за истиот работодавец во вонредни околности и со дополнителни прекувремени часови.
Во земја во која економијата закрепна од должничката криза, но сè уште е кревка, оваа можност веќе постои, но само ако работникот има два или повеќе работодавци.
Мицотакис, кој е на власт од 2019 година, истакна дека многу млади луѓе во моментот работат две работни места и сакаат да работат повеќе за да заработат повеќе.
Министерката за труд Ники Керамеус нагласи дека мерката е исклучителна и нема да стане вообичаена. „Тоа е одредба што важи до 37 дена во годината, само со согласност на работниците и со зголемување на платите од 40 проценти“, изјави таа за „Мега ТВ“ оваа недела.
И покрај намалувањето на невработеноста и континуираниот раст на БДП, кој според Европската комисија минатата година изнесувал 2,3 процента, ниските плати остануваат главен извор на загриженост и еден од главните проблеми за Грците заедно со високите трошоци за живот.
Минималната плата, иако е зголемена, е 880 евра месечно.
Според Евростат, Грците работат просечно 39,8 часа неделно во споредба со просекот на Европската Унија од 35,8 часа.
Во туристичкиот сектор, во текот на шпицот на сезоната, келнерите и готвачите работат многу часови, понекогаш без слободен ден во неделата. Законскиот работен ден во Грција трае осум часа, со можност за платена прекувремена работа.
Грција веќе ја воведе опцијата за шестдневна работна недела, особено во време на голема побарувачка во одредени сектори, како што е туризмот.
Регион
Пукањето во Белград на само 300 метри од куќата на Мирослав Илиќ, пејачот се огласи: „Боже господе, што се случува“

Во пукањето во Вишњичка бања се повредени пет лица, меѓу нив и една жена за чијшто живот се борат лекарите.
Според неофицијални информации, на пукањето му претходела тепачка, а сè се случило на нешто повеќе од 300 метри од куќата на познатиот пејач на народна музика, Мирослав Илиќ, пишува „Блиц“.
Илиќ по повод настанот се огласи за домашните медиуми.
„Живеам во мирна улица, во мирен крај. Чувај Боже што се случува. Не сум гледал вести и не сакам да знам“, изјави Мирослав за Телеграф.
Иако првичните информации укажуваа дека една жена починала, докторите во Ургентниот центар успеале да ја оживеат.
Неофицијално, повеќе вооружени лица излегле од бело комбе и почнале да пукаат. Овие информации засега не се официјално потврдени, а во тек е полициска потера по напаѓачите.
Очевидци опишале дека од белото комбе излегле неколку лица и почнале да пукаат насекаде.
Регион
(Видео) Полицијата се’ уште трага по напаѓачите по пукањето во кафулето во Белград

Пет лица беа ранети во пукање во кафуле во белградската населба Вишњичка бања, а едно лице е во животна опасност. Напаѓачите, кои пристигнале со бело комбе, влегле во локалот и отвориле оган по гостите.
Повредените – две жени и три мажи – се пренесени во Ургентниот центар. Полицијата покрена акција и сè уште трага по сторителите, јавува „Н1“.
Очевидци раскажаа дека на автобуската станица во близина имало голем број деца кои се разбегале уплашени, а пристигнувањето на итната помош се чекало долго. Жителите потсетуваат дека веќе подолг период имаат проблеми со навивачки групи во оваа населба.