Македонија
Шилегов не кажува до каде се преговорите за формирање влада

Социјалдемократскиот сојуз работи на брзо и ефикасно решение за добивање на мандатот, односно за склучување коалиции со парламентарните партии, со што би обезбедиле 61 пратеник на нивна страна, кои би им ја изгласале владата, доколку мандатот им биде доделен нив.
Петре Шилегов кажа дека СДСМ работи на составувањето на нова влада, откако граѓаните на 11 декември гласаа за промени, но не прецизира до каде се преговорите, најпрво со ДУИ, партија која освои 10 пратенички места.
„Кажавме во текот на вчерашниот ден, СДСМ работи на брзо и ефикасно решение за обезбедување на составување на новата влада. Граѓаните да не се грижат промените за коишто гласаа на 11 декември бргу ќе следат“, вели Шилегов.
Тој не одговори ни кога ќе имаат евентурална средба со претставници на ДУИ, ниту дали мисли дека ДУИ ќеим даде поддршка.
Најави дека кога ќе може да ги споделат информациите ќе бидат споделени со јавноста, „јавно и транспарентно ги влечеме потезите уште во текот на изминативе две години, се што е зрело за сподеување како информација за јавноста ќе биде споделена на време“.
СДСМ останува на ставот дека лицата коишто се под истрага на СЈО, а којшто учествувале во криминални дејности, не можат да бидат дел од новата влада на Македонија.
Шилегов не прецизира ни дали е решено во кој рок може да се очекува нова влада, туку само рече дека во многу брза иднина ќе излезат со квалитетна информација во однос на тоа прашање.
„СДСМ е веројатно единствената политичка структура којашто се залага за доследно спроведување на законите во рамки на институции којшто не се партизирани. Ѓорѓе Иванов одбра кажавме и во текот на вчерашниот ден да биде покровител на криминалот на Никола Груевски. Никаде во закон, никаде во Устав не постои обврска на мандатарот, да како Претседателот на државата до давателот на мандатот да достави програма достави програма за работа на владата. Програмата за работа на владата ја разгледува и усвојува Собранието преку пратенциите“, рече Шилегов, одговарајќи на прашање дали на Иванов ќе му достават програма./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во центарот на Скопје

Утре во 10:00 часот поради одржување на атлетска трка во централното градско подрачје на Скопје, со траса на движење од паркот „Жена борец“ преку Камени мост, ул. „Иљо Војвода“, тротоарот на мостот „Гоце Делчев“ и по кејот на реката Вардар и обратно, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Иљо Војвода“, пешачките површини и делот од кејот по кој ќе се движат учесниците во трката.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
(Видео) Лабудовиќ најави 𝟤𝟦/𝟩 обезбедување во сите училишта и градинки во Центар

„Безбедноста на децата мора да биде обврска на општината, а не трошок за родителите“, порача Мирослав Лабудовиќ кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар. Тој најави дека дел од неговата програма е воведување 24-часовно физичко обезбедување во сите училишта и градинки на територијата на Центар.
„Не може родителите од свој џеб да плаќаат за нешто што е законска обврска на општината. Тоа е недозволиво, но во Центар стана пракса. Јас се обврзувам дека секое училиште и секоја градинка ќе има 24-часовно физичко обезбедување. Безбедноста на децата е наш највисок приоритет“, вели Лабудовиќ.
Покрај оваа мерка, најавена е и иницијатива за воведување безбедни патеки до училиштата и градинките, кои ќе бидат обележани, осветлени и целосно прилагодени за децата. Целта е да се создаде сигурна и уредена средина, во која секое дете ќе биде заштитено и во училницата, и во училишниот двор, и на патот до дома.
„Ќе изградиме систем во кој родителите ќе бидат спокојни, а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство, а тоа е темел за модерен и одговорен Центар“, додаде Лабудовиќ.
Новата мерка е дел од поширокиот план за поголема безбедност, ред и грижа за семејствата во Центар, и претставува конкретен пример дека со вистински политики општината може да стане поквалитетно и побезбедно место за живеење и за децата и за возрасните.
Македонија
(Фото) Делегација од општина Илинден положи цвеќе пред споменикот на Васил Стојанов-Аџиларски

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во населеното место Миладиновци се одржа пригоден настан со кој достоинствено беше одбележан овој значаен историски датум. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, присутните изразија почит кон неговата херојска борба за слободна татковина, извести општина Илинден.
Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и бројни граѓани.
Васил Стојанов-Аџаларски е роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци. Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година.
Во рамки на свеченото одбележување, во Домот на културата во Миладиновци се одржа и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“. На турнирот учествуваа 18 шахисти поделени во две групи, а натпреварувањето се одвиваше според ФИДЕ правилата за забрзан шах со темпо од 10 минути по играч.
Покровител на настанот беше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на крајот на турнирот им додели пригодни награди и плакети на најдобрите учесници, при што истакна дека ваквите активности претставуваат важен дел од заложбата на Општината за активно вклучување на повозрасните генерации во јавниот живот, но и за негување на традицијата и сеќавањето на историските вредности. Првото место го освои Сурловски Душан, второ место го освои Стефановски Христијан, трето место го освои Спасовски Миле и четврто место освои Мицевски Диме, се вели во соопштението на општина Илинден.