Економија
Xerox и EFI на клиентите ќе им го нудат најдобриот дигитален кориснички интерфејс
Корпорацијата Xerox и Electronics For Imaging (EFI) во вторник го најавија своето стратегиско партнерство, со кое сакаат на пазарот да воведат нова генерација на дигитален кориснички интернетски интерфејс (англ. digital front end, DFE) за дигиталната продукција на компанијата Xerox.
Спогодбата опфаќа продажба на серверот на Xerox за печатачите FreeFlow® Print Server (FFPS) на EFI. Во согласност со договорот, EFI ќе продолжи со производството и нудењето поддршка за FFPS за тековните клиенти да немаат потешкотии во контекст на продажбата или услугата.
„Клиентите ќе добијат силно и поделотворно решение со подобри перформанси и квалитет, со чија помош ќе ги исполнат најстрогите продукциски барања“, рече Ендру Копли, претседател на сегментот за графички комуникациски решенија на компанијата Xerox. „EFI е лидер во оваа индустрија и докажано е успешен во контекст на перформансите, едноставноста на користењето и интеграцијата во индустриските решенија за работниот тек”.
Стручноста на компанијата Xerox и единствената функционалност на FFPS ќе бидат интегрирани со производот на EFI – Fiery®, најдобриот производ во таа класа, со што клиентите ќе се здобијат со производ што е водечки на пазарот. Клиентите ќе може да ги користат продажните и техничките ресурси на EFI, кои ќе соработуваат со продажните претставници на компанијата Xerox за да понудат најдобро решение во класата.
„Овој следен чекор во нашиот стратегиски сојуз ќе им понуди на клиентите DFE со најдобри перформанси и можности за управување со дигитализацијата и користењето на бојата“, рече Гај Гект, директор на EFI. „Интеграцијата на EFI во DFE, софтверот за работниот тек и производите на системот за управување со информациите имаат најголемо ниво на автоматизација и продуктивност, што е клучно за претпријатијата коишто се занимаваат со печатење да можат во целост да ги искористат можностите кои ги нуди дигиталното печатење“.
Xerox и EFI создадоа долготрајно партнерство. Xerox неодамна соработуваше со EFI на развојот на новиот сервер за печатачи под името Xerox IJ Print Server powered by Fiery, наменет за Xerox Trivor™ 2400 Inkjet Press. Во склоп на DFE се обработуваат различни текови на податоци, притоа овозможувајќи интеграција, сеопфатно управување со бојата и совршена интеграција во работните текови на клиентот.
Новата генерација на DFE создадена во склопот на ова партнерство ќе биде интегрирана во новите решенија на EFI за продуктивност, водечките решенија на пазарот, коишто опфаќаат системи за управување со информациите, како што се PACE, PrintSmith Vision, Monarch и Radius ERP. Освен тоа, DFE ќе биде интегриран со работните текови Xerox FreeFlow Core и XMPie®,, како и со водечките решенија на трети страни, како што се Agfa Apogee, Heidelberg Prinect и Kodak Prinergy. Fiery DFE, единствениот JDF со сертификат DFE, исто така ќе понуди модерен API за да можат клиентите едноставно да развијат интеграција во која било приспособена апликација.
Договорот се однесува само на FFPS и не влијае на работните текови на компанијата Xerox коишто носат трговско име FreeFlow (FreeFlow Core, FreeFlow VI Suite, FreeFlow Makeready и FreeFlow Digital Publisher). Решенијата за работниот тек ќе останат независни клучни сегменти за стратегии на клиентите на компанијата Xerox во поглед на работниот тек.
„Преземањето на EFI е корисно за двете страни. EFI ќе се здобие со важна интелектуална сопственост, како и со флексибилност потребна за да ја интегрира во производите Fiery“, рече Џим Хамилтон, директор на групацијата InfoTrends, на дивизијата Keypoint Intelligence. „За Xerox тоа претставува пренос на развојот и поддршката за FFPS на признат пазарен лидер. Со тоа е зајакната веќе силната врска и отворени се можности за идни производи“.
Условите на трансакцијата не се откриени./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

