Економија
Пешевски – Ривелини: Македонија и Европската инвестициска банка имаат одлична соработка

Кредитната линија на Европската инвестициска банка, во висина од 350 милиони евра, која што се реализираше преку Македонската банка за поддршка на развојот, се покажа како одличен проект, со кој се помогнаа македонските компании во услови на економска криза, при што се поддржаа 1.758 проект кои отворија нови 6.940 работни места.
Заменик-претседателот на Владата, Владимир Пешевски оствари средба со Матео Ривелини, раководител на дивизијата на Европската инвестициска банка за Западен Балкан (ЕИБ) и Дубравка Негре, раководител на канцеларијата за Западен Балкан на ЕИБ.
На средбата се дискутираше за заедничките проекти на Владата и ЕИБ и е констатирано дека е остварена одлична соработка, а од двете страни е посочено дека истата ќе продолжи и понатаму да се развива.
Вицепремиерот Пешевски истакна дека кредитната линија на ЕИБ во висина од 350 милиони евра, која што се реализираше преку Македонската Банка за поддршка на развојот, се покажа како одличен проект, со кој се помогнаа македонските компании во услови на економска криза, при што се поддржаа 1.758 проект кои отворија нови 6.940 работни места.
„Овој проект помогна да се ублажат последиците од светската економска криза и должничката криза во Европа врз македонските компании, да ги развиваат своите капацитети и да отвораат нови работни места“, истакна Пешевски.
Во 2017 и 2018 година, планирано е да се репласираат над 50 милиони евра, достапни за македонските компании со субвенционирана каматна стапка од 5,5%, со што ќе се придонесе за дополнителен развој на компаниите и нови вработувања.
Освен за кредитната линија стана збор и за тековни проекти кои се реализирааат со поддршка на ЕИБ, а како најзначаен е издвоен проектот, за изградбата на автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир Капија-Смоквица, за кој преку ЕИБ се обезбедени 100 милиони евра.
„Со завршувањето на делницата Демир Капија – Смоквица, практично се комплетира целиот патен коридор 10, со што се создаваат услови за побезбеден, побрз и поефикасен транспорт на стоки и услуги, што ќе придонесе до дополнителен економски раст и развој на Република Македонија“, потенцира Пешевски.
Владата на Република Македонија со поддршка на Европската инвестициска банка од 2010 година го реализира и проектот за „Водоснабдување и одведување отпадни води“ во вредност од 50 милиони евра, а во 2017 година ќе започне Проектот за „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица“ чијашто вредност изнесува околу 50 милиони евра. Со ова вкупното портфолио на инвестици во капитални проекти со поддршка од ЕИБ достигнува 200 милиони евра./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.