Вести
Најмалку три жртви во силниот земјотрес на Филипини
Најмалку три лица ги загубиле животите а уште седум се повредени во земјотресот со магнитуда од 6,5 по Рихтеровата скала кој го погоди во петокот јужниот дел од Филипини, соопштија ноќта кон саботата воени извори.
Медиумите јавуваат дека испаничените жители ги напуштиле своите домови, откако биле урнати повеќе објекти во градот Суригао, на јужниот остров Минданао, над 700 километри југоисточно од филипинската престолнина Манила, а непознат е бројот на лица за кои се верува дека останале затрупани под урнатините.
Земјотресот беше регистриран во 22.03 часот по локално време, или околу 15,23 часот по македонско време во петокот, но досега извештаите зборуваа за две повредени лица.
Епицентарот на потресот бил на два километра југозападно од градот Таласај, на длабочина од 27 километри, според американскиот геолошки институт USGS.
Филипинскиот сеизмолошки центар регистрирал магнитуда од 6,7 степени, но Пацифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека нема опасност од цунами.
Воени извори за филипинското радио DZMM потврдиле дека се регистрирани три жртви, но истакнале дека други сознанија од теренот не им се познати.
Портпаролката на регионалната служба за цивилна заштита Ејприл Санчез за AFP изјавила дека може да потврди за седум повредени во областа на Суригао, но дека бројот на настрадани во градот не е познат.
„Не можам да кажам ништо повеќе поради прекинот на електрична енергија и врските со настраданата област“, изјавила Санчез.
Според очевидци, по силниот потрес кој траел 10 до 15 секунди, следеле послаби афтершокови, а жителите од Суригао во паника од цунами се упатиле кон повисоките места.
Последниот смртоносен земјотрес кој ги погоди Филипини беше со магнитуда од 7,1 степени по Рихтеровата скала кој ги погоди централните острови на архипелагот кога животите ги загубија над 220 луѓе, а беа уништени најстарите цркви и древни светилишта. Во јули 1990 година, земјотресот со магнитуда 7,8 го погоди северниот дел од Филипини при што загинаа повеќе од 1.600 луѓе.
Двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча.
Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.
Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.