Свет
Белата куќа размислува за нов указ, Трамп го брани протерувањето на имигрантите престапници
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата ја бранеше својата прва операција на протерување на илегалните имигранти, особено престапниците, што предизвика протести на лево ориентираните активисти и заедниците на имигрантите, а истовремено Белата куќа потврди дека размислува за носење нов извршен указ за имигрантите откако судот привремено го запре извршувањето на претходната уредба на претседателот, а државниот обвинител на Вашингтон најави дека може од администрацијата да бара „да ги открие вистинските мотиви“ на одлуката којашто предизвика реакции ширум светот.
„Репресијата над сокриените криминалци е само исполнување на ветувањата од кампањата. Се исфрлаат членови на банди, трговци со дроги и други“, напиша на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп.
Минатава седмица повеќе стотици лица без документи се приведени во координирани операции на царинските и имиграциските агенти, најмногу во Лос Анџелес, Њујорк, Чикаго, Остин и Тексас. Федералните власти не го соопштија точниот број уапсени, но многу пратеници од Демократската партија побараа податоци од владата, стравувајќи се дека се ловат и лица без криминални досиеја.
„Според налогот на претседателот, покренати се значителни и посилни операции за контрола имиграција. Вистина е дека секога година се спроведуваат операциите ’Крос чек’, но оваа година преземавме нови и засилени мерки за истерување на странските престапници“, изјави за телевизиската мрежа Fox News, Стивен Милер, советник на претседателот Трамп.
Сојузниот апелационен суд на САД во Сан Францско во четвртокот едногласно ја поддржа суспензијата на извршната уредба со којашто привремено на 90 дена им се забранува влезот на американска територија на државјаните на седум претежно муслимански земји, образложувајќи дека нема сигурни докази дека државјани од овие земји сториле терористички чин во земјата.
„Размислуваме за сите можности“, рече во продолжението од разговорот советникот Милер. Притоа наброја неколку опции: носење итна жалба до Врховниот суд, одбрана на смислата на указот пред судовите или издавање на нов извршен указ.
„Овластувањата на претседателот не се доведуваат во прашање. Претседателот може (…) на некои лица да им го забрани влегувањето на нашата територија“, истакна советникот Милер, кој се смета за предлагач на првите антиимигрантски мерки на Трамп.
Донал Трамп уште во петокот карактеризирајќи ја одлуката на судовите како политичка, напомена можност од „нов указ“ и рече дека новите мерки може да бидат објавени „можеби во понеделникот или во вторник“.
„Размислуваме за новите дополнителни чекори“, повтори Милер кој остро го осуди вмешувањето на сојузниот судија Џејмс Робарт од Сиетл кој ја суспендираше примената на првата извршна уредба на американскиот претседател.
Од друга страна, државниот обвинител на сојузната држава Вашингтон, Боб Фергусон, изјави во неделата дека, доколку одлуката на судијата од Сиетл заврши на суд, ќе бара од администрацијата на Трамп да утврди „што навистина било причина“ за овој указ.
Документите и електронската пошта на функционери од администрацијата би можеле да содржат докази дека указот бил неуставен обид да им се забрани влезот на муслиманите во САД, смета Фергусон ој за емисијата „This Week“ на телевизиската мрежа ABC изви дека ќе ги искористи „сите средства“ коишто му стојат на располагање за да го „расветли тоа“.
На 27-ми јануари претседателот Доналд Трамп го потпиша извршниот указ 13769 „За заштита на земјата од влез на странски терористи“, со кој во рок од 90 дена се суспендира издавање визи за државјаните на седум муслимански држави: Иран, Ирак, Јемен, Либија, Сирија, Сомалија и Судан. Указот, исто така, и им наложува на Стејт департментот и на Министерството за национална безбедност да го суспендираат распоредувањето на бегалците по сојузните држави на 120 дена, како и на неодреден рок се суспендира прифаќањето бегалци од Сирија. Исто така, значително е намалена квотата за прифаќање на барателите на азил во САД во фискалната 2017 година, која таму започнува во октомври 2016 година, на не повеќе од 50.000, од претходно планираните 110.000.
Сојузниот судија од Сиетл, Џејмс Робарт на 3-ти февруари го блокираше овој указ на Трамп со што тој не важеше на целата територија на САД. Потоа на 5-ти февруари, Окружниот апелационен суд во Сиетл одби, на барање на американското министерство за правосудство, да донесе итна мерка со којашто ќе биде суспендирана одлуката на федералниот судија Робарт, а којашто се однесува на целата територија на САД за привремено поништување на привремениот извршен указ на претседателот Трамп. Овој апелациониот суд го установил рокот за министерството за правосудство за одговор на тужителот кој истекува за приговорот на тужениот. Тој требало да биде даден до понеделник.
Потоа на 9-ти февруари Сојузниот апелационен суд на САД во Сан Франциско едногласно го поддржа суспендирањето на извршниот указ на претседателот Доналд Трап за привремена забрана за влегувањето на американска територија на државјани од седум мнозински муслимански земји, иако во неговата уредба не се споменува зборот ислам.
Набрзо по објавувањето на пресудата претседателот Доналд Трамп на својот Twitter профил порача „Ќе се видиме на суд, безбедноста на нашата нација е во прашање!“.На новинарите пред канцеларијата на неговиот портпарол, Трамп им најави дека на крајот ќе го добие случајот,а пресудата на жалбениот суд ја оцени како „политичка одлука“.
Администрацијата на новиот американски претседател на оваа одлука на Сојузниот апелационен суд може, почнувајќи од 10-ти февруари, да се жали и да побара целиот Апелационен суд на САД за деветтиот округ, кој има 29 активни судии и е надлежен за државите и териториите на западот од Соединетите држави, да ја преиспита одлуката или, пак, директно да вложи жалба до Врховниот суд, кој најверојатно и ќе го одреди крајниот исход од судскиот спор. пред американскиот Врховен суд.
Пресудата на апелациониот суд, која следеше по рочиштето во вторникот не го решава правниот спор, тукусамо се однесува на прашањето дали указот на Трамп треба да биде суспендиран во текот на траењето на судската постапка против забраната за влегување во САД кои ги поднесоа сојузните држави Вашингтон и Минесота.
Американскиот Врховен суд, откако лани почина еден од неговите девет судии во моментов е идеолошки поделен на по четири судии либерали и четворица конзервативци., додека се чека потврдата на Сенатот, каде републиканците имаат мнозинство за предлогот на Трамп за избор на 49-годишниот конзервативен кандидат Нил Горсач.
На администрацијата во моментов ѝ е потребно да гласаат пет од осумте судии во полза на повторното стапување на сила на указот на претседателот, додека продолжува постапката на двете сојузни држави. Тоа значи дека Белата куќа треба да придобие на своја страна барем еден од либералните судии./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Протести против Зимските олимписки игри во Милано: демонстрантите фрлаа димни бомби и шишиња кон полицијата
Илјадници луѓе се собраа во Милано на протест против Зимските олимписки игри само еден ден по церемонијата на отворање во северниот италијански град, објавуваат италијанските медиуми. Некои демонстранти фрлаа пиротехника и се судрија со полицијата.
Milano. Solo una parola. CRIMINALI. pic.twitter.com/8yRaYrCeS2
— Azzurra Barbuto (@AzzurraBarbuto) February 7, 2026
Група од околу 100 демонстранти, претежно радикални левичари, фрлаа петарди, димни бомби и шишиња кон полицијата откако се одвоија од главната толпа во Милано, градот домаќин на Олимписките игри. Полицијата во опрема за немири и со штитови одговори со водни топови во обид да ја растера групата, од која некои носеа качулки и шалови за да ги покријат лицата. Редот беше воспоставен по неколку минути. Неколку учесници во немирите беа уапсени.
Полицијата беше во состојба на висока готовност по насилните судири за време на протестите во Торино минатиот викенд, во кои беа повредени повеќе од 100 полицајци.
„Ројтерс“ објави дека повеќе од 5.000 луѓе излегле на улиците на Милано поради трошоците за домување и еколошките проблеми. Демонстрантите носеа транспаренти со кои осудуваа низа проблеми, од употребата на вештачки снег и сечење дрвја до кризата со домувањето во финансискиот и моден главен град на Италија.
„Игрите повеќе не се одржливи од еколошка или социјална гледна точка, нивното време истече“, изјави демонстрантката Франческа Мисана (29).
Критичарите на Зимските олимписки игри се жалат на влијанието на инфраструктурата врз кревката планинска средина, како и на широката употреба на вештачки снег што троши многу енергија и вода.
Други велат дека за многумина, Милано стана град во кој повеќе не можат да живеат поради зголемените трошоци за живот поради приливот на богати нови жители привлечени од даночната шема.
Свет
Зеленски: САД ги притискаат Русија и Украина да ја прекинат војната пред летото
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за тоа како да се стави крај на војната во Украина пред летото, изјави претседателот Володимир Зеленски. Неговата изјава ја пренесе „Ројтерс“.
Во изјава за новинарите објавена од неговиот кабинет денес откога Украина и Русија одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, Зеленски рече дека Вашингтон предложил разговори во Мајами за една недела и дека Киев се согласил со тоа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше Русија поради нападот врз украинските енергетски постројки извршен преку ноќ, велејќи во коментарите објавени на „X“ дека на Москва мора да ѝ се одземе можноста да го користи студеното зимско време како средство за влијание против Киев.
Фото:Депоситотос
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА

