Македонија
СДСМ го очекува одговорот од ДУИ во форма на потписи
СДСМ очекува одговорот од ДУИ да стигне во форма на потписи за добивање мандат за формирање влада, откако тоа не му појде од рака на мандатарот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа претседателот Ѓорге Иванов постави услов следниот мандатар да донесе прво потписи од 61 пратеник што е просто мнозинство во Собранието.
„Очекуваме одговорот од ДУИ да стигне во форма на потписи за добивање на мандатот“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Шилегов појасни дека претседателите на СДСМ и на ДУИ се слушаат по телефон, но дека документот доставен до ДУИ треба да ги обезбеди потписите за добивање на мандатот.
„Техничка комуникација постои помеѓу неформална комуникација, помеѓу претседателите на партиите. Тоа се телефонски јавувања, слушања, што е секојдневие во нашата работа. Очекуваме дека предлог документот којшто го доставивме до ДУИ, ќе обезбеди истите да ги дадат потписите за добивањето на мандат состав на Владата на Република Македонија“, рече Шилегов.
На новинарско прашање, како ги коментира шпекулациите за наводни несогласувања околу примената на албанскиот јазик, во преговорите со ДУИ Шилегов рече дека сите шпекулации во медиумите по сензитивните теми ќе ги коментираат од позиција на мандатар за формирање на Влада.
„Гаранциите се испратени само до ДУИ, не и до останатите политички партии“, рече Шилегов и додаде дека партијата има разбирање за одолговлекувањето, затоа што на секој сериозен политички субјект му е потребно време за да донесе правилна одлука.
„Ние и на овие избори истапивме со јасен став за единствена Македонија без поделби“, рече Шилегов коментирајќи ги најавите за формирање на македонска платформа, како контра одговор на албанската платформа со која настапија албанските партии./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

