Македонија
СДСМ ветува институци отворени до 20 часот

Партијата СДСМ ветува дека клучните институции ќе работат до 20 часот, за да можат граѓаните своите обрвски да ги завршуваат и по работното време.
„Инситутициите кои имаат значителен обем на работа, а во кои граѓаните остваруваат клучни права ќе работат во две смени, односно до 20 часот за да можат навремено да ги обезбедат услугите за сите граѓани подеднакво. Со тоа ќе им овозможиме на граѓаните лесно, брзо и ефикасно да ги завршуваат своите обврски кон државата.Граѓаните нема како што е сега, да мора да земаат слободен ден за да ги завршат обврските или да ги молат своите претпоставени за да излегуваат од работа“, се вели во партиското соопштение.
Од таму ветуваат дека двосменското работење на клучните институциите ќе го спроведат уште во првите шест месеци од мандатот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Талевски: Тошковски како Груевски, сака да формира партиска милиција под своја команда

Со скандалозниот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за полиција, актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски се обидуваат брутално да ја партизираат полицијата и да формираат партиска милиција под нивна команда, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, денес на собраниската седница.
Талевски потенцираше дека станува збор за опасен и корумпиран обид полицијата да стане параполициски апарат за заштита на партиските интереси и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Полицијата не смее да биде под ничија команда. Со законските измени, Тошковски свесно го урива кариерниот систем во МВР, бришејќи ги критериумите за искуство и образование за највисоките оперативни позиции, вклучително и началници на СВР. Со член 4 се бришат критериумите за минимум 6 години работно искуство и 4 години раководна позиција за началник на сектор за внатрешни работи. Тоа значи дека лице без никакво искуство, некој што вчера положил приправнички испит, може да биде поставен на оваа позиција , ако е партиски подобен. Без никакви критериуми, може да се избере Началник на сектор за внатрешни работи. Со овие измени МВР не се јакне, туку се претвора во сервис на партијата на власт. Ова не е реформа, туку реставрација на груевизмот“, потенцираше Талевски.
Тој укажа дека особено загрижува и член 12, со кој се бара полициските податоци да се бришат по 60 години.
„Прашањето е – зошто? Кој треба да биде заштитен со оваа измена? Ова е уште еден доказ дека власта се обидува да амнестира и сокрие траги од злоупотреби. Загрижува и намерата да се укинат регионалните гранични центри, што претставува директен удар врз граничната контрола, со потенцијални последици по безбедноста, па дури и отворање простор за сомнителни шеми со мигранти“, рече Талевски.
Понатаму, со член 15 се подига старосната граница за вработување на 30 години, со што, според Талевски, се отвора простор за вдомување партиски кадри, наместо отворање шанси за млади, образовани лица со енергија и потенцијал.
Според пратеникот, најскандалозен е членот 19, со кој се овозможува во полицијата да останат лица со осудителни пресуди и забрани за работа.
Тој потенцираше и дека наместо полиција што штити законитост, ќе добиеме институција која е прибежиште за лица со криминално досие. Ова е целосна подреденост на институциите на партиските интереси.
„Се враќаме во времето на МВР под ВМРО, кога брутално се кршеа човековите права на граѓаните. СДСМ бара итно повлекување на предложените измени. Полицијата мора да остане професионална, натпартиска и водена од знаење, искуство и јасни критериуми, а не од партиска книшка. Овој закон е закана за правната држава и безбедноста на граѓаните“, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.
Македонија
Цената на парното останува иста

Не се менува цената на топлинската енергија – одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.
РКЕ донесе одлука со која продолжуваат да важат актуелните цени за топлинска енергија се до донесување на нова одлука.
„РКЕ изврши длабинска анализа на доставените податоци за работата на компаниите кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Градот Скопје. Констатиравме дека за донесување на одлука која ќе ги рефлектира во целост реалните трошоци на сите регулирани дејности, посебно производство на топлинска енергија, дополнително е потребна проценка на вредноста на основните средства – топланите. РКЕ во февруари испрати барање за процена на основните средства за дејноста производство до Бирото за процена, но до денес го немаме добиено извештајот за процена и поради тоа не може да се направи финална пресметка. Со цел овозможување на еднаков третман на сите потрошувачи на топлинска енергија на територијата на Град Скопје, РКЕ донесе одлуки да продолжат да важат истите тарифи, односно сметките за парно не се менуваат, се до нова одлука “ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Инаку со последната одлука од 1 февруари цената за потрошувачите на топлинска енергија во Град Скопје беше зголемена за 5,03 %, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16 % во последниот квартал од 2024 година.
Македонија
Започна реализацијата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Министерството за животна средина и просторно планирање го најави официјалниот почеток на реализацијата на проектот за проектирање и изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Битола, еден од клучните еколошки проекти во државата.
Проектот опфаќа изградба на пречистителна станица, рехабилитација и надградба на канализациска мрежа и целосно подобрување на условите за управување со урбани отпадни води.
‘Проектот ќе обезбеди подобри санитарни услови, заштита на реката Драгор и Вардарскиот слив, како и заштита на подземните води. Пречистителната станица е проектирана за да им служи на над 110 илјади жители’, изјави првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Вкупна вредност на изградбата на пречистителна станица е 21,7 милиони евра, а истиот ќе го изведуваат компаниите Лантаниа од Шпанија, Стентон Градба од Македонија, Карканиас од Грција, и тоа во времетраење од 2 години. Надзор на изградбата ќе изврши компанијата Ептиса од Шпанија, со договор вреден 1,06 милиони евра за период од 2025 до 2028 година.
Проектот е финансиран од Европската Унија и општата цел е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води во согласност со директивата за третман на третман на отпадни води и националниот закон.
Меџити исто така најави и дека дополнително, во најскоро време се очекува склучување на Договорот за градежни работи за рехабилитација и надградба на канализационата мрежа во општина Битола.