Македонија
Промовиран дигитален регистар на македонски туристички водичи

По повод Светскиот ден на туристички водичи, денеска, беше промовиран веб дигитален регистар на активни и квалификувани туристички водичи во Македонија.
Регистарот јавно е достапен на www.tourguides.mk и е изработен од Асоцијацијата на туристички водичи, со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (Increasing Market Employability) како дел од активностите за унапредување на туристичката понуда во Македонија.
Туристичките водичи, според Елена Иванова, менаџер на секторот туризам во Програмата за зголемување на пазарната вработливост, се една од најважните алки во вредносниот синџир во туризмот која има сериозно влијание врз доживувањата на туристите.
„Истражувањата на терен покажуваат дека околу 65 отсто од доживувањето на турата е директен резултат на квалитетот на туристичкиот водич. Од нив зависи како туристот ќе ја доживее и со какви впечатоци ќе замине од одредена дестинација. Затоа, помогнавме да се креира овој дигитален, јавно достапен, регистар на квалификувани туристички водичи кој постојано ќе се надополнува. Следната фаза ќе вклучува и можност за резервација и рангирање на водичите според задоволството на клиентите. ИМЕ програмата ќе работи и на подобрување на вештините на туристичките водичи, пред сé во областа на безбедноста на туристите и на подобрување на стандардите во нивната работа“, нагласува Иванова.
Веб регистарот може да го користат туристичките оператори, но и туристите, за спроведување организирани тури со активни водичи. Регистарот, во кој се вклучени сите видови туристички водичи, содржи информации за квалификацијата на туристичкиот водич и неговата сертификација, јазиците кои ги говори, типот на тури кои ги води, регионот во кој работи и контакт информации.
Овој регистар овозможува пристап до активни и професионални водичи кои ја познаваат туристичката дејност и кои, на овој начин, ќе добијат дополнителна можност за промоција на својата работа, објаснува Бранко Босилков од Асоцијацијата на туристички водичи.
„Правивме обид, за прв пат, да ги обединиме сите туристички водичи на едно место. Регистарот постојано се ажурира и затоа ги повикуваме сите активни туристички водичи да нѐ контактираат и да достават информации за да ги вклучиме во регистарот“, изјави Босилков.
Регистарот, технички изработен од ITEA Solution, засега содржи информации и контакти од околу 340 активни водичи. Во иднина, регистерот треба да прерасне во интернет платформа на која водичите ќе имаат можност за меѓусебна комуникација и размена на искуства и информации од терен./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Паркинг ќе се плаќа без пораки, јавен превоз без картички, музеј и жичарница без редици, Ѓорѓиевски претстави нова паметна картичка за Скопје

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, презентираше нова картичка со која сите услуги што ги нуди градот ќе бидат достапни на едно место. Проектот „Скопје сити гоу- паметна картична“ е наменет пред се на младите со цел Скопје да стане вистински модерен европски град што ќе нуди едноставни, практични и паметни решенија за сите граѓани.
„Ова е еден од проектите со кој особено се гордеам, Скопје сити гоу – паметна картичка со која сите услуги што ги нуди Градот ќе бидат достапни на едно место. Наместо десетици различни карти, апликации и плаќања, секој граѓанин ќе има една унифицирана и дигитална алатка. Јавен превоз – едноставен пристап без редици, готовина и посебни картички. За младите ова значи повеќе мобилност и слобода. Паркинг без пораки, автомати и губење време. Брзо и практично решение преку самата картичка. Културни и забавни содржини – музеите, кината, театрите, жичарата и зоолошката градина ќе бидат достапни преку едно средство“, најави Ѓорѓиевски.
Картичката „Скопје сити гоу“ Ѓорѓиевски вели дека ќе биде симбол и на социјална еднаквост.
„Средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат бесплатно. За нив, услугите ќе бидат бесплатни или со драстично намалени цени. Никој нема да биде изоставен“, вели градонаалникот Ѓорѓиевски.
Картичката тој очекува да има вредност и надвор од јавниот сектор, одноно општествено одговорни компании ќе овозможат преку неа дополнителни услуги и поволности.
Предвидено е „Скопје сити гоу“ да биде достапна и како мобилна апликација, но и како физичка картичка за оние кои ја преферираат класичната форма, а секој, без разлика на возраста и технолошките навики, ќе може лесно да ја користи.
„Ова е визија за поинакво Скопје, град кој им штеди време и пари на своите жители, кој се грижи за младите и за ранливите категории, и кој ја користи технологијата за да им служи на луѓето. Со ’Скопје сити гоу’ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Побаран притвор за четири лица во врска со пожарот во Трубарево

Скопското Обвинителство поведе постапка против четири лица поради сомнение за загрозување на животната средина и природата со отпад, во врска со пожарот што избувна во Трубарево, а за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.
Станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Во текот на денот јавниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање докази, по кои сè уште постапуваат надлежните органи. Се очекуваат и резултатите од мерењата на загадувањето што ги спроведува Министерството за животна средина.
Македонија
Се користи специјална пена врз песокта за да се доизгасне чадењето во Трубарево

Од опожарениот простор во Трубарево моментално има слабо чадење само од неколку места кои веќе се затрупани, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што истакна, врз песочната покривка се фрла специјална пена со цел целосно сопирање на чадењето и спречување на повторна појава на пожар.