Вести
Филипини: Исламистите објавија снимка од наводно обезглавување на германски заложник
Видеото кое во понеделникот го објавија муслиманските екстремисти наводно прикажуваат обезглавување на германскиот заложник кој три месеца е заточен на југот од Филипини, пренесува германската агенција DPA.
На снимката се гледа 70-годишниот заточеник со наведната глава и маж кој држи нож на неговиот врат. „А сега ќе ме убијат“, вели Германецот пред ликвидацијата којашто наводно се случила во неделата, откако беше изминат крајниот рок за неговата откупнина што го одредија исламистите.
Филипинската армија одби да ја потврди ликвидацијата на Германецот.
„Видеото не е доволен доказ дека егзекуцијата е извршена“, изјавил бригадниот генерал и портпарол на армијата, Реституто Падиља, кој, меѓутоа, признава дека ниту ја гледал споменатата снимка, и ниту има намера да ја гледа.
Абу Сајаф, исламистичка група којашто ѝ изрази лојалност на Исламската држава, бараше за ослободувањето на заложникот 600.000 долари, кои требаше да бидат исплатени до неделата попладнето. Германецот чиешто име не е наведено во извештаите беше грабнат на 5-ти ноември лани од својата јахта на југот од Филипини.
Армијата се обидува да го пронајде телото на наводно ликвидираниот Германец и побарала помош од локалните власти и од исламистичкото движење Национално ослободителен фронт на Моро (MNLF) со кое владата во Манила постигна договор за примирје.
„Сé додека не го пронајдеме телото на жртвата, сé уште постои надеж дека е жив и ние ќе ги продолжиме борбените операции“, изјавил полковникот Едгард Аревало.
MNLF е моќна исламистичка бунтовничка групација со којашто филипинската влада во 1996 година потпиша мировен договор, а нејзиното упориште не на островот Јоло, околу 1.00 километри јужно од главниот град Манила.
Според разузнавачки извори, обезглавувањето на Германецот е изведено во селото Инданан на островот Јоло. Неговата 55-годишна сопруга е убиена при грабнувањето бидејќи давала отпора. Нејзиното тело било оставено на јахтата.
Минатата 2016 година Абу Сајаф обезглави двајца канадски државјани за кои исто така не беше исплатена откупнина./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.