Регион
Јилдирим го оцени како продуктивен разговорот со Меркел
Турскиот премиер Бинали Јилдирим го оцени како „продуктивен“ телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесуваат турските медиуми, и покрај тензиите меѓу Анкара и Берлин, поради откажувањето да собирите за поддршка на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Германија.
„Нашиот разговор беше добар и продуктивен. Нашите министри за надворешни работи ќе се сретнат следната седмица“, истакна турскиот премиер Бинали Јилдирим, пренесе телевизијата CNNTurk.
Шефовите на дипломатиите на Турција и на Германија, Мевлут Чавушоглу и Зигмар Габриел, во текот на нивниот телефонски разговор во петокот договориле состанок во среда, откри за медиумите висок турски функционер.
Односите меѓу Анкара и Берлин повторно ги карактеризираат тензии откако властите во Германија на бројната тамошна турска заедници ѝ го откажаа одржувањето на трите собири за поддршка на референдумот со кој во Турција треба да бидат зголемени овластувањата на претседателот на земјата.
„Тоа и не е најсреќната одлука, бидејќи е против демократијата и човековите слободи“, изјави претходно во саботата Јилдирим на собирот во кампањата за референдумот во Киршехир, алудирајќи на одлуката на германските власти.
Турскиот премиер ја обвини Германија дека на оние коишто се противат на референдумот и зголемувањето на претседателските овластувања им се овозможува кампања, а им се забранува на „оние коишто ја сакаат својата земја“.
Турција жестоко регираше на откажувањето на собирите во четвртокот и петокот, обвинувајќи го Берлин дека работи на тоа одржувањето на референдумот да не успее.
Канцеларката Меркел на тоа одговори дека тие одлуки не го одразуваат ставот на сојузната држава, туку дека се донесени на локално ниво.
Турбулентните односи меѓу Германија и Турција траат веќе втора година, а особено откако германските пратеници изгласаа резолуција прогласувајќи го масовните убиства на Ерменци во текот на Првата светска војна за геноцид од страна на Османлиското царство, што Анкара не го прифаќа, па потоа пораснаа и поради критиките на Берлин на турскиот одговор на неуспешниот обид за државен удар од 15-ти јули 2016 година, а дополнително пораснаа откако во понеделникот беше затворен германско-турскиот дописник на весникот Die Welt во Турција, Дениз Јучел./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Снимени лицата што фрлија бомба врз куќата на Здравко Чолиќ: камерите го забележаа моментот на нападот
Безбедносните камери во вилата на Здравко Чолиќ на Дедиње го снимиле моментот кога двајца непознати мажи фрлиле рачна граната врз домот на пејачот точно во 5 часот наутро вчера, дознава српски Телеграф.
За среќа, нема жртви, а Телеграф неофицијално дознава дека полицијата веќе има видео снимки на кои се гледа како двајцата напаѓачи се приближуваат кон оградата и ја активираат експлозивната направа.
Бомбата била фрлена директно кон влезната врата од двајца маскирани мажи, а експлодирала на терасата точно на влезот. Снимките од видео надзорот се во фокусот на истрагата што ја води Вишото јавно обвинителство, бидејќи ги прикажуваат движењата на напаѓачите пред и по детонацијата.
Иако никој не е повреден во моментот на нападот, материјалната штета на имотот е голема. Гранатите зафатиле сè во радиус од неколку метри. Фасадата околу влезната врата била уништена, а од силата на ударот биле скршени прозорците и оштетена масивната порта. Гранатите оштетиле и автомобили.
Експлозивната направа ги скрши и прозорците од гаражата на Адис Гојак, поранешниот менаџер на Чолиќ, за кого истражителите наводно се сомневаат дека можеби бил вистинската цел на нападот, како и прозорците на вториот кат од куќата. Друга куќа претрпе помала штета, со скршени прозорци.
Инспекторите на криминалистичката полиција и обвинителството моментално работат на идентификување на лицата на снимката. Се проверуваат и податоците на телеоператорот, како и другите камери во областа за да се утврди дали напаѓачите имале сојузници кои ги чекале во автомобилот.
Полицијата ќе разговара со Чолиќ кога ќе се врати во Србија
Чолиќ исто така се огласи. „Јас сум во Загреб, каде што ги завршувам последните песни за новиот албум. Сè е во ред во Белград, фала му на Бога што сите се добро. Го разбирам интересот на медиумите, но морам да истакнам дека некои изјави во текстовите се протолкувани на начин што не одговара на вистинската состојба на работите.
Мислам дека е важно информациите да се дистрибуираат одговорно и врз основа на проверени факти. Истрагата е во тек и го чекаме полицискиот извештај“, изјави тој за „Уна“. За време на истрагата ќе се утврди дали Чолиќ бил целта и кој бил мотивот, со оглед на тоа што вчера веќе се појавија информации дека бомбашите можеби „направиле грешка“. Полицијата ќе разговара со Чолиќ кога тој ќе се врати во Србија.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)

