Регион
Столтенберг: НАТО е вознемирен поради „косовската војска“
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјавил дека е вознемирен поради предлогот да се создадат Вооружени сили на Косово, пренесуваат српските медиуми.
Столтенберг рекол дека разговарал со косовскиот претседател Хашим Тачи и премиерот Иса Мустафа и им ја пренел вознемиреноста во врска со последниот предлог на косовските власти за трансформација на Безбедносните сили на Косово (БСК) во Вооружени сили на Косово.
„Ја пренесов сериозната вознемиреност на сојузниците од НАТО за последниот предлог на власта на Косово за трансформација на БСК во Вооружени сили на Косово, без измена на Уставот. Јасно ставив до знаење дека едностраните чекори како што се овие се бескорисни и ги повикувам властите на Косово да бидат во близок контакт со Белград“, рекол Столтенберг.
Генералниот секретар на Алијансата рекол дека НАТО го поддржувал развојот на БСК како професионални и повеќенационални сили. „Структурата, мандатот и мисијата на БСК се прашања на институциите на Косово во согласност со нивниот Устав. Меѓутоа, доколку мандатот на БСК еволуира на начинот на којшто е предложени, ќе биде потребно НАТО да го процени нивото на нивното ангажирање, особено во областа за градењето на капацитети“, навел Столтенберг.
Тој рекол дека ова јасно го ставил до знаење за време на посетата на Косово во февруари и денес за време на телефонскиот разговора, како и дека поради ова прашање е во постојан контакт со партнерите во НАТО.
Косовскиот претседател Хашим Тачи во вторникот во собраниска процедура го предаде новиот закон за Безбедносните сили на Косово и рекол дека новата мисија на овие сили опфаќа и одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, но дека нивното име нема да се промени.
Претседателството на косовското Собрание, пак, во средата едногласно одлучи предлог законот за БСК, со кој тоа се претвора во воена формација, да се достави на понатамошна процедура кај владата за да се исполнат обврските согласно правилникот за работа на косовскиот парламент./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бахамите го признаа Косово
Бахамите официјално ја признаа Република Косово како независна и суверена држава, соопшти косовската претседателка Вјоса Османи.
Османи го потпишала договорoт на Бахамите со премиерот Филип Брејв Дејвис. На социјалната мрежа „Икс“ беше објавено заедничко соопштение во кое се наведува дека двете земји воспоставиле дипломатски односи, кои стапуваат на сила со денот на потпишување на заедничкото комунике, во согласност со меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
Bahamas recognizes the Republic of Kosovo as a sovereign and independent state! 🇽🇰 🇧🇸
We just signed our bilateral agreement with Prime Minister @honphilipedavis. On behalf of the people of Kosovo, I extend my sincere gratitude for this decision of historic significance!
Full… pic.twitter.com/a9LLtW2BW7
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) December 19, 2025
Во соопштението се наведува дека Бахамите и Косово ја потврдиле посветеноста на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и изразиле намера да развиваат соработка во области од заемен интерес, како што се трговијата, туризмот, образованието, културата, технологијата и јавниот сектор.
Двете земји изразиле очекување за воспоставување топло и продуктивно партнерство.
Годинава, независноста на Косово ја признаа и Сирија, Судан и Кенија.
depositphotos
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос

