Македонија
Затворање на Вечерите на женски права
Последниот ден од Вечерите на женски права нуди работилница за трансакциска анализа во организација на Македонска асоцијација за трансакциска анализа (МАТА), проекција на документарниот филм „Мировна агенција“ од Сју Усеем и дебата на тема „Улогата на жените во обединување при криза“.
Работилницата за транскациска анализа, во организација на МАТА, ќе им помогне на учесниците да ги откријат доминантните уверувања, културолошките вредности и референтната рамка за себе и другите околу нив, за жената и финансискиот успех.
Проекцијата на документарниот филм „Мировна агенција“ ќе започне во 20 часот. Лиан Гогали и нејзините 500 женски студенти се сила која треба да се препознае во конфликтно растргнатата област Посо во Индонезија. „Мировна агенција“ го следи нејзиното впечатливо патување од нејзиното село до Њујорк за да создаде женското училиште, институција која целосно го трансформира женскиот клас во агенти за мир и ненасилен граѓански активизам и кое го менува текот на конфликтот во Посо, а можеби и иднината на Индонезија.
Овогодинешните Вечери на женски права ќе се затворат со дебата на тема „Улогата на жените во обединување при криза“ при што говорници се Мерсиха Смаиловиќ, Горан Јанев и Виолета Петроска Бешка.
Настанот Вечери на женски права понуди алтернатива во прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8-ми март. Овогодинешното осмо издание се одржа од 4-ти до 9-ти март во Младинскиот Културен Центар – Скопје. Годинава, преку уметност, филм и музика се поттикнаа мажите и жените да размисуваат критички за родовата (не)еднаквст и да оддадат почит на досегашните достигнувања.
Настанот традиционално се организира од 2010 година. Успешната реализација на осумте изданија е резултат на соработка помеѓу Град Скопје, UN Women, Институт за родови студии при Филозофски факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Универзитет за аудио-визуелни уметности – ЕСРА, Скопје и организацијата „Една може!“.
Оваа година настанот беше во организација на Центарот за истражување и креирање политки – Скопје./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

