Скопје
Град Скопје: Луна Паркот ќе се протега на истата површина и нема да се уништува зеленило

Луна Паркот ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се зазема и уништува зеленило во Градскиот Парк, велат градските власти, негирајќи ги написите во некои медиуми дека за изградбата на забавниот парк ќе се уништат над 59.000 метри квадратни зеленило.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека според деталниот урбанистички план, големината на соодветните парцели изнесуваа 84.070 квадратни метри, додека самиот забавен парк ќе се протега на истата површина како и досега на површина од околу 24.000 метри квадратни (ДУП Централен градски парк-блок3 за урбанистичка парцела 3.1). Вкупната проценета вредност за изградба на Луна паркот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра“, информираат од Град Скопје.
Главниот забавен дел на паркот ќе има два адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.
Во Луна паркот во отворениот дел ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрацијата, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на
школка.
Целиот простор во Луна паркот ќе биде партерно и хортикултурно уреден и
ќе биде поставена урбана опрема во согласност со темите кои ги прикажува забавниот парк.
„Со овие постапки, скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк, со нова опрема и реквизити, кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година“, велат од Град Скопје. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Кисела Вода и Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07.30 до 15.00 часот дел од корисниците на улицата Христо Татарчев, потег од резиденција на Чешка амбасада до маркет „Давидов“, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од потрошувачите на улица Козле 2 и улица Козле, општина Карпош.
Македонија
Дел од општина Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затворач на улицата Никола Русински бб, општина Карпош, односно објектот на АД Пошта на РСМ, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на улицата Козле 132, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: дел од улицата Козле, дел од улиците Јуриј Гагарин, Мокра, Кораб и Струшка. Со намален притисок на водоснабдување ќе бидат населбите Трнодол, Жданец и Нерези. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Средба на градоначалникот Ѓорѓиевски со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари конструктивна средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу. На средбата се разговараше за можностите за унапредување на бизнис-климата и создавање услови за нови инвестиции.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста на институционалната поддршка за стопанството, како и заедничките заложби за создавање поволна средина за развој на претпријатијата. Беше истакнато дека добрата соработка помеѓу општината и бизнис-заедницата е клучен предуслов за економски раст, отворање нови работни места и задржување на младите во земјата.
„Како локална самоуправа, имаме јасна цел – да обезбедиме стабилна институционална поддршка за стопанството. Соработката со Стопанската комора на Северозападна Македонија може да овозможи побргу да ги препознаеме потребите на бизнисите, да ја намалиме административната бариера и да креираме политики што ќе резултираат со нови инвестиции и економски развој. Верувам дека заедно можеме да направиме значителен исчекор во создавање современа и конкурентна деловна средина“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски по средбата.
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу, упати честитки до градоначалникот за досегашната успешна работа и му посака успех во неговите понатамошни кариерни чекори.