Економија
Мисајловски на состанок во Бугарија за Коридорите 8 и 10

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски претстојува во работна посета во Софија, Бугарија на министерскиот состанок посветен на инвестициите во транспортот во земјите од Западен Балкан.
На состанокот на кој присуствуваат министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, се разговара за постигнување на целите на Инвестицискиот план за Европа, вклучувајќи ја главната мрежа на Европски транспортни коридори во рамките на ЕУ и нејзино продолжување во земјите од Западен Балкан.
Министерот Владо Мисјловски ги претстави инфраструктурните проекти што ги реализира Владата на Македонија за развој на Коридорот 8 и 10 како и активностите за унапредување на поврзаноста со регионот и земјите од Европската Унија. Воедно министерот Мисајловски ги образложи мерките што ги презема Владата во насока на изградба на модерен, безбеден и интегриран транспортен систем прилагоден за потребите за економскиот развој на земјата, потенцирајќи ја особено важноста за финансиска поддршка од страна на ЕУ за реализација на предвидените проекти.
Во своето обраќање министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски ја нагласи потребата од изградба и модернизација на Коридорите 8 и 10, како најважни транспортни линкови со земјите од Централна и Југоисточна Европа.
„Силно сме посветени на реализација на проекти по должината на двата коридори, проекти што ќе придонесат за подобрување на целокупната транспортна инфраструктура и за зголемување на квалитетот на услугите и конкурентноста на нашата мрежа на овие коридори. Координацијата на регионално ниво во инвестициите во инфраструктурата е во согласност со националните планови и програми на Република Македонија. Оттука изградбата на овие патишта и железнци се токму во насока на изградба на оние линкови кои недостасуваат за регионлано поврзување”, истакна министерот Мисајловски.
На министерскиот состанок учествуваат високи претставници на Европската комисија, предводени од Комесарот за транспорт Виолета Булц, министри и претставници на меѓународни финансиски институции, меѓу кои од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.