Македонија
ЗНМ: Советот на АВМУ го политизира годишниот извештај
„Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера го усвои Извештајот за работа на АВМУ за 2016 година, изготвен од стручната служба, во кој на објективен начин се преставува работата на националните телевизии од изминатата година. Врз основа на мониторингот на програмата на националните телевизии, во извештајот се констатира дека во неколку наврати на ТВ Сител и во емисијата на Миленко Неделковски која се прикажуваше на ТВ Канал 5 се користел говор на омраза. Исто така, во извештајот се нотира дека има континуирано прекршување на професионалните стандарди од страна на ТВ Алфа и на ТВ Нова“, соопштуваат од ЗНМ.
„Советот наместо да го одобрат извештајот, усвоиле нов заклучок, кој не се базира со анализата на стручната служба на Агенцијата, туку на личното убедување на членовите: Лазо Петрушевски, Селвер Ајдини, Миљаим Фетаи и Алма Машовиќ дека ТВ Сител, ТВ Нова, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, Телма, 24 Вести и ТВ Шења, биле политички пристрасни“, додаваат од ЗНМ.
На ваквите паушални оценки на претседателот на Советот на Агенцијата Лазо Петрушевски се спротивстави Зоран Фиданоски, член на Советот, кој побарал да се одбие ваков заклучок.
„Овој став е политички мотивиран и со него се сака да се стави знак на еднаквост меѓу медиуми за кои во мониторингот не биле констатирани прекршувања на професионалните новинарски стандарди, со оние за кои има десетици пријави за прекршување на стандардите и констатиран говор на омраза“, изјави Зоран Фиданоски, на денешната прес конференција организирана од ЗНМ.
Фиданоски оцени дека Советот со ваквиот заклучок ја девалвира работата на стручната служба на Агенцијата и необјективно ја преставува работата на националните телевизии.
Тој се сомнева дека ваквиот заклучок на Советот е донесен по нечиј политички диктат и е целосно спротивен на мисијата на Агенцијата.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ваквиот заклучок на Советот на АВМУ го оцени како непримерен и непрофесионален, со што се потврдуваат ставовите на Здружението дека медиумскиот регулатор е политизиран и партизиран.
„Ова е уште еден аргумент зошто треба да се изберат нови членови на Советот на Агенцијата за медиуми. Во Советот треба да членуваат независни, стручни и компетентни личности, кои вистински ќе се грижат за создавање на слободни и професионални медиуми, а не да работат на спасување на образот на непрофесионалните медиуми“, рече Селмани.
Тој побара од Собранието на Македонија да не го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2016 година и да го врати на доработка, со цел да се избрише вештачки вградена квалификација дека сите национални телевизии биле политички пристрасни./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е во прекин за секаков тип на возила, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Македонија
Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови
Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Во Охрид, пак, пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.
Според информациите на Центар за управување со кризи, до 17:00 часот состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.
Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, а состојбата е под контрола.
Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“, при што се преземаат активности за санација.
Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. По пријави преку 112, евидентирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во селото Мало Турчане и Сушичка Река во селото Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени надлежните институции, а во ХЕЦ Маврово е преземено намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ги координира активностите со институциите.
Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и надлежните служби.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано.
Фото: pexels
Македонија
Мицкоски за бугарската формулација „достапен јазик“ наместо македонски: Не е во прашање само Уставот, туку редефинирање на македонскиот идентитет
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, ја коментираше формулацијата „достапен јазик“, наместо македонски јазик, што ја употреби Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Не ме чуди, ги потврдуваат тезите дека Бугари во Устав не е единствено барање, туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но, ова се денови кога треба да простуваме, да се сплотуваме како нација. Како народ ќе сфатиме дека без оглед дали сме власт или опозиција, за некои прашања мора да бидеме заедно“, изјави Мицкоски по посетата на Соборниот храм по повод христијанскиот празник, Божик.
Тој изрази жалење што, како што рече, претходната влада влегла во една авантура и го заглавила евроинтегративниот процес, прифаќајќи капитулација, односно ултиматум од Бугарија.
„Апелирам до опозицијата – подадена е раката – да ги напуштат нивните тези и да застанат во одбрана на националните интереси. Ова е таков ден, немам што повеќе да додадам“, рече премиерот.
Говорејќи за доставувањето на Акцискиот план за правата на заедниците, претходно деновиве Мицкоски наведе дека македонската страна била советувана од Брисел документот да ѝ биде доставен на Софија еден ден порано, како гест на добра волја.
„Така направивме – го дадовме ден однапред. И сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, како претседател на Владата, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека Бугарија повторно ја пропуштила шансата да покаже добрососедство, а на прашањето дали имало и други забелешки од Софија, одговори дека немало.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“. Во соопштението не се спомнува македонскиот јазик, туку се користи формулацијата „јазик достапен за граѓаните“.
Во Преговарачката рамка, во став 35, се наведува дека Северна Македонија преку инклузивен процес треба да усвои Акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците, кој ќе биде предмет на постојано следење во текот на пристапниот процес. Во став 37 се посочува дека напредокот во поглавјата за владеење на правото ќе биде тесно поврзан со спроведувањето на Акцискиот план, што значи дека без негова имплементација не може да се затвори ниту едно преговарачко поглавје.

