Вести
Пред самитот во Варшава, во Брисел нов дијалог меѓу НАТО и Русија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/1415690832.jpg)
Дваесет и осумте земји членки на НАТО, кои го заладија односите со Русија поради украинската криза, сакаат да организираат нова средба со претставниците на Москва пред одржувањето на самитот на Алијансата во Варшава предвиден за во јули, извести во петокот генералниот секретар на воениот блок, Јенс Столтенберг.
Во текот на работната вечера одржана во четвртокот, на којашто присуствувале 28-те министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО, главната тема била Русија, при што сите се согласиле во поглед на „двостраниот пристап, што значи одбрана и силно заплашување на Русија во комбинација со политички дијалог’, појасни во петокот генералниот секретар Јенс Столтенберг.
„Во четвртокот, врз основа на заклучоците за двостраниот пристап се согласивме дека НАТО би требало да организира нов состанок на Советот НАТО-Русија пред одрежувањето на следниот сами во јули“, додаде Столтенберг.
„Платформата“ околу којашто се согласиле амбасадорите на земјите членки на Алијансата и нивниот руски колега е потребна за да се „гарантира транспарентност и предвидливост… и за да се избегнат опасните воени инциденти кои би можеле да излезат од контрола“, потсети генералниот секретар на НАТО.
Во текот на самитот кој ќе се одржи на 8-ми и на 9-ти јули во Варшава, шефовите на држави и влади на земјите членки на Атлантскиот сојуз мора целосно да го довршат процесот на воено засилување на военото крило на блокот и во балтичките земји да разместат дополнителни единици и воена опрема. Ваквото „поагресивно“ воено зајакнување против Русија е без преседан од крајот на Втората светска војна.
Во знак на протест поради присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим по референдумот на тамошното руско и рускојазично население на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија и прорускиот бунт на населението од југоисточна Украина од 2014 година, НАТО ја прекина соработката со Русија која го обвинува дека не го почитува договорот и се шири до нејзините граници.
И покрај суспендирањето на работата во рамките на Советот, каналите за политичкиот дијалог останаа отворени, но односите се толку затегнати што две години немаше никаква вистинска комуникација, доколку не се сметаат неколкуте разговори меѓу генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по кои секојпат следеа остри коментари.
Поради непомирливите ставови, Русија се повлече од Советот НАТО-Русија, обвинувајќи ја Алијансата дека не се придржува до договорот за неширење кон руските граници, а беа одржувани слаби контакти.
Дијалогот беше обновен на 20-ти април годинава, но „длабоките несогласувања“ меѓу Брисел и Москва по прашањата, како што е украинската криза, не се надминати, што го констатираа двете страни, потсети во петокот Столтенберг.
Советот Русија-НАТО е воспоставен во 2002 година и служи како форум за консултации за безбедносните прашања и практична соработка во цела низа прашања./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.