Македонија
По роденденот на „Про кредит“ банка, остатоци од пиротехника околу паркот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

По прославувањето една година постоење, од филијалата на „Про кредит“ банка во Карпош, околу Скејт паркот, детското и тениското игралиште на кеј денес можат да се забележат остатоци од пиротехнички сретства кои се расфрлани на сите страни. Ниту служби на банката, ниту јавните служби за хигиена до овој момент го немаат расчистено теренот.
Според одлуката донесена од Владата за утврдување во кои случаи и под кои услови се смета дека е нарушен мирот на граѓаните од штетна бучава граничните, индикаторите кои се над 70 децибели се сместени во четвртиот и највисок степен на граничните вредности.
„Оптеретувањето на подрачјето со бучаа поради одржување на јавни приредби, јавни собири или други јавни настани проследени со употреба на звучни и други уреди кои доведуваат до зголемување на бучавата се утврдува со пресметување на еквивалентното ниво на бучавата. Тоа не треба да надминува 85 децибели без оглед на времетраењето, а максималното ниво на бучава не треба да надминува 110 децибели“, пишува во Одлуката донесена од Владата.
Огнометот на „Про кредит“ банка кој вчера одекна во Карпош, во близина на Сити мол, се слушаше низ цело Скопје. Според фотографијата која ја направивме на терен, само едно од пиротехничките средства произведува звук од 111 децибели на растојание од 40 метри. Вчера, овие направи беа поставени на површина од околу 400 метри квадратни. Во разговор со менаџментот на банката, тие велат дека добиле дозволи од сите надлежни органи, не прецизирајќи кои се тие.
Во текот на вчерашниот ден, група граѓани загрижени за нивните деца и миленичиња, како и за загадување на околината, побараа да се намали габаритот на огнометот, но не беа удостоени и примени кај менаџментот на банката.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Стабилна безбедносна состојба во Дебар – ГП „Блато“ станува мост на поврзување со Албанија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на ОВР Дебар при што го посети и Граничниот премин „Блато“ кој се наоѓа во близината на Дебар.
Министерот Тошковски со раководството на ОВР Дебар беше информиран дека безбедносната состојба во целиот регион е стабилна со значително подобрени резултати во справувањето со насилниот криминал, имотните деликти и унапредување на сообраќајната безбедност. На средбата раководството го информираше министерот дека веќе активно се преземаат оперативни активности во насока на обезбедување мирен, безбеден и демократски изборен процес.
„Што се однесува до Граничниот премин „Блато“ евидентиран е значително поголем број на патници од минатата и претходните години. Преминот станува вистинска мост на поврзување за граѓаните кои одат на одмор во соседна Албанија и туристите кои доаѓаат на одмор, бањско лекување, викенд престој, роднинските посети, домашни веселби, како и шопинг. Со тоа, нашата соработка со албанските колеги е насочена кон имплементација на системот „One Stop“, кој преку дополнителни инфраструктурни решенија ќе обезбеди трајно намалување на гужвите и поефикасен проток на патници и возила како во текот на целата година а посебно за периодите на зголемен туристички сообраќај“, истакна министерот Тошковски.
Македонија
Отворен конзулат на Казахстан во Куманово

Претставници од Општина Куманово, предводени од претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, денеска присуствуваа на свеченото отворање на конзулат и инаугурација на Почесниот конзул на Република Казахстан во Куманово, Ејуп Абдулахи.
На пригодниот настан присуствуваа претставници од високи државни институции во земјава, од дипломатскиот кор, амбасадори и претставници од бизнис секторот.
Пред присутните се обрати претседателката на Советот на Општината, истакнувајќи ја важноста на воспоставената соработка во повеќе економски сегменти (технологија, енергетика и трговска размена) меѓу казахстанскиот град Караганда и Куманово.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Младите мора да бидат наши партнери во реформирањето на ОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на сесијата посветена на 30 годишнината од Светската програма за млади, што се одржа во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.
Таа укажа на потребата младите генерации да добијат заслужено место во оформувањето на иднината на Обединетите нации и ја потенцираше важноста на стратегијата Youth2030 како основа за активно, а не само симболично вклучување на младите во реформите на ОН на сите нивоа.
Учесниците на сесијата говореа на теми посветени на улогата на младите во глобалниот развој.
Се дискутираше за „Светската програма за акција за млади: забрзување на глобалниот напредок преку меѓугенерациска соработка“, како и за „Унапредување на спроведувањето на Светската програма за акција за млади со цел никој да не изостане“.