Македонија
СДСМ најавува крај на прекумерните трошења

Ќе има стабилизација на јавниот долг, заврши времето на прекумерно и нетранспаретно задолжување на граѓаните, соопштија вчера од СДСМ.
„Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ преку своите министри цели 11 години ги задолжуваше граѓаните прекумерно и нетранспарентно без тие да знаат за која цел се создаваат нови долгови што тие ќе ги плаќаат во иднина. Заврши времето на непродуктивни трошења и скапи задолжувања, што беше главна одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ
Новата влада предводена од СДСМ преку сериозен пристап и во интерес на граѓаните, ќе работи на стабилизација на огромниот јавен долг од над 50 отсто од БДП што ВМРО-ДПМНЕ со своето неодговорно, расипничко и нетранспаретно работење го остави како товар на идните генерации.
Сите нетранспарентни задолжувања направени изминативе години ќе подлежат на ревизија и за сите злоупотреби на парите на граѓаните ќе следува одговорност“, најавија од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Летните одмори направија редици на Табановце

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Внимавајте на сонце, денес многу топло со температури до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне и 40 степени.
Македонија
АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите.
До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.
„При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.