Македонија
Крстевска – К-15 да се исплаќа во ваучери за одмор во Македонија
Регресот за годишен одмор или популарно наречениот К-15, кој од годинава е задолжителен во приватниот сектор, да се исплаќа во ваучери за одмор во Македонија, предлага претседателката на Стопанската комора за туризам на Македонија, Лела Крстевска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Таа вели дека на тој начин домашните туристи ќе останат во земјава, ќе се зголеми сезоната, ќе се намалат цените на хотелските услуги и ќе се влијае на растот на туризмот во Македонија.
Јас гарантирам дека ниту еден, ниту хотелите од 5 ѕвезди, нема да одбие вон сезона, кога има исполнетост од 10 отсто, да биде исполнет 60 отсто и да продаде аранжман од 6 ноќевања, односно 7 дена, за 150 евра, не постои таков хотел во Македонија. Можеме да го правиме тоа и да биде многу успешна приказна, затоа што одморот трае повеќе од 20 дена, а една недела е доволно да се искористи и да се експлоатира некое домашно богатство и да се унапреди работата на домашните туристички работници, да се продолжат сезоните во местата, затоа што претсезоната во Охрид можеби почнува во мај, но зошто и април да не биде полн со домашни гости, вели Крстевска.
Таа истакнува дека туристичката индустрија како гранка се соочува со зголемена конкурентност и тешко е да се одржува зголем број на посети.
„Тешко е да се одржат повторливите посети, односно туристите што се враќаа, поради огромниот избор што се јави во последни време, се отвораат нови туристички дестинации, секоја атракција веќе станува туристичка дестинација, аква паркови итн ака што конкурентноста е навистина тешка и во таа смисла Охрид се бори со кризата на свој начин, но и со негативната кампања“, вели Крстевска.
Таа се согласува со констатацијата дека негативната кампања не ја измислиле новинарите.
„Цените ги одредува понудата и побарувачката, ги одредуваат трошоците и приходите и најмногу од сè, Охрид е град, а не ресорт, и цените во Охрид најмногу ги одредува сезоналноста. Верувајте дека е многу тешко да се одржи конкурентна цена со работење два или максимум три месеци, а во Охрид сезоната е и помала, поради тоа што тоа придонесува за големи социо-економски турбуленции од причина што не може да држите ниту персонал 12 месеци, статично во еден објект, како приватен сектор, ниту, пак, можете да одржите некаков квалитет којшто би го задоволил барањето на туристите коишто доаѓаат во моментов, повеќето странски во Охрид. Сезоналноста си носи многу негативни импликации и она на што треба да се насочиме е зголемување на сезоната во Охрид, односно за почеток да бараме зголемување на претсезонскиот и посезонскиот период“, изјави Крстевска во интвервју за Радио Слободна Европа. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

