Регион
Бугарија ќе дозволи прелет на руските авиони за Сирија ако ги прегледува
Бугарија ќе им дозволи на руските транспортни авиони кои летаат кон Сирија со хуманитарна помош да го користат нејзиниот воздушен простор, доколку Русија се согласи товарот да биде прегледуван на бугарските аеродроми, изјави во средата бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов.
Бугарија во вторникот потврди дека во периодот од 1-ви до 24-ти септември го забранува, односно го одбива руското барање, за користење на бугарскиот воздушен простор поради „сериозни сомневања“ дека товарот во авионите содржи помош за Сирија.
„Доколку нашите руски колеги се согласат тие летови да бидат проверувани на бугарските аеродроми, ние ќе ја издадеме дозволата“, изјави Митов.
„Во согласност со одлуката на Советот на ЕУ од 2011/2012 година, беа наметнати ограничување за снабдувањето со одредени стоки и услуги за режимот на (сирискиот претседател) Башар ал-Асад. Оваа одлука мора да се почитува од земјите членки на ЕУ. Кога има доволно информации, кои даваат причина да веруваме дека постои неусогласност меѓу изјавите за целите на летовите и вистинскиот товар, се јавуваат сомнежи. Токму од тие причини не дадовме одобрување за прелети“, појасни шефот на бугарската дипломатија.
Заменикот директор во Секторот за меѓународна соработка на руското министерство за вонредни состојби, Александр Томашев, претходно соопшти дека Русија ќе продолжи со испраќањето хуманитарна помош за Сирија.
„Министерството планира да продолжи да обезбедува помош за населението на Сирија погодено од вооружениот конфликт. Следната пратка хуманитарна помош, во која се содржат прехранбени и продукти за секојдневна лична употреба, ќе биде испратена во скоро време“, изјави Томашев.
Истакна дека руските авиони по доставувањето на хуманитарната помош во обратна насока ги евакуираат од Сирија и од регионот руските и државјаните на другите земји Заедницата на независни држава (поранешни советски републики) и оти таквите активности ќе продолжат.
Томашев одговори на бугарските „сомневања“ дека хуманитарната помош за Сирија руската страна ја доставува според сите меѓународни стандарди и норми.
„Воспоставен е сет од правила за оваа постапка, ние официјално, отворено и транспарентно по дипломатски канали преку Министерството за надворешни работи на Русија известуваме за претстојните летови и за видот на товарот, во согласнсот со секоја земја“, додаде Томашев. Во вторникот бугарското министерство за надворешни работи изјави дека има „сериозни сомневања за товарот во авионите“ за кои Русија тврди дека превезуваа хуманитарна помош во Сирија и летаат од 2011 година, откако таму започна граѓанската војна, и затоа Софија не дозволува нивно прелетување на нејзиниот воздушен простор.
Во вторникот, грчки дипломатски извори, соопштија дека и од Атина било барано да забрани прелет на руските транспортери за Сирија, откако барањата на Русија за дозволи за прелети на нејзините авиони со хуманитарна помош за Сирија преку воздушните простори на Бугарија и на Грција предизвикале реакција на САД, кои изминатата седмица искажаа загриженост поради медиумските шпекулации за наводно руско трупање војници и оружје во Сирија каде самите изведуваат воздушни удари против џихадистичката Исламска држава, но без координација со владата во Дамаск.
Дипломатски извори на РИА во Атина соопштиле дека американската амбасада минатата сабота се обратила до грчките власти да го забранат прелетот на руските авион над воздушниот простор на Грција. Во грчкото министерство за надворешни работи одговориле дека го проучуваат барањето на САД./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Судии, обвинители и адвокати протестираа во Белград, велат дека трпат политички притисоци
Судии, обвинители, адвокати, како и граѓани и студенти од цела Србија денес одржаа протест пред Уставниот суд, а потоа и пред Правниот факултет во Белград.
Се собраа поради, како што велат, притисоците што ги трпи судството, особено во последната година, како и можноста за „укинување“ на Обвинителството за организиран криминал. Тие рекоа дека „правдата е слепа, но судството не е“.

Судијата Александар Трешњев истакна дека само оние што сториле кривични дела се плашат од обвинителите кои сакаат да си ја работат работата.
„Нема да кажат дека се плашат од обвинителството. Ќе речат дека има криминалци во тоа обвинителство. И не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме. Дојдовме тука за нешто друго – да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече судијата Трешњев.

Милимир Лукиќ, судија во Апелациониот суд, изјави дека со најавената промена на законот, Обвинителството за организиран криминал дефинитивно ќе ја изгуби својата автономија и независност, како посебна карактеристика што овој орган мора да ја има кога дејствува за да ја извршува својата функција на законски начин.
„Во моментот кога Обвинителството за организиран криминал ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, директна последица ќе биде губењето на неговиот институционален капацитет за работа, а на крајот тоа ќе резултира со слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал“, рече Лукиќ.

По сите говори, беше одржан 16-минутeн молк за жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.
Регион
Во Грција поплавени патиштата поради бурата, а училиштата во делови од земјата затворени
Бурата „Бајрон“, која ја погоди Грција, предизвика затворање на многу училишта, поплавени патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.
Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави Катимерини.
Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвја паднаа во неколку области.
Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумот и приземјето на зградата на повисоките катови поради развојот на поплавите.
Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност, јавува Танјуг.
Надлежните служби на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во зголемена готовност.
Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, денес нема да работат, објавија грчките власти. „Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Ние донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалиас.
Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Фото: ЕПА
Регион
Поради бурата „Бајрон“, училиштата во Атика и Родос утре ќе бидат затворени
Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, утре нема да работат, објавија денес грчките власти.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара.
Одлучуваме врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалијас, пренесува Катимерини.
Тој рече дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултација со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Во областа источен Мани и општина Евротас, издадени се предупредувања поради лизгање на земјиштето и обилни врнежи од дожд, пренесува Танјуг.
Додека на делот од националниот пат Спарта – Гитео, сообраќајот е целосно во прекин, откако патот е поплавен на повеќе места, а сообраќајот е привремено пренасочен преку заобиколни патишта.
Фото: ЕПА

