Вести
Талибаните го пробија влезот во Кундуз
Талибанските борци, кои покренаа офанзива од три правци кон северниот авганистански град Кундуз, го пробија во понеделникот главниот влез во градот, запалија неколку згради и накусо ја заземаа градската болница, јавува Reuters.
Иако авганистанските безбедносни сили повратија под своја контрола поголем дел од територијата во истоимената провинција Кундуз, талибаните се прегрупираа и во вториот голем напад во понеделникот врз градот Кундуз успеале да ги пробијат одбранбените позиции на силите на централните власти. Известувачот на Reuters јавува дека герилските борци го заземале јужниот дел од градот, а повеќе десетици жители во паника побегнале кон аеродромот, каде се запрени од безбедносните сили.
„Во моментов се водат жестоки борби во населбите Канабад, Чардари и Имам Саеб, главните приоди кон градот. Имаме доволно сили и ќе ги потиснеме нивните сили“, изјавил портпаролот на полицијата Сарвар Хусаин. Според него, три полицајци се ранети во судирот, додека 20 талибански борци се убиени.
Ова не е прва талибанска офанзива врз Кундуз. Во април и јуни годинава тие напредуваа на само неколку километри од градот, по што војската ги потисна.
Падот на овој стратешки град би претставувало голем удар за авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој откако беше избран на изборите во 2014 година вети дека ќе го врати мирот во земјата во којашто речиси три децении беснеат судири. Неговата задача е уште потешка, поради тоа што авганистанските сили првпат се сами на првата линија на одбраната од талибаните, откако сојузниците од НАТО ја завршија тринаесетгодишната инвазија во земјата во декември 2014 година.
И покрај тешкиот внатрешен судир меѓу талибаните кој настана по смртта на нивниот водач мула Омар, талибаните и натаму редовно изведуваат напади и се судираат со полицијата и војската ширум земјата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.