Регион
Ципрас вети крај на ‘понижувањето’ на Грците
Лидерот на коалицијата на грчката радикална левица Сириза, 40-годишниот Алексис Ципрас, кому анкетите му предвидуваат победа на предвремените парламентарни избори во недела, во четвртокот навечер во главниот град Атина пред илјадници приврзаници порача дека е близу „крајот на националното понижување“.
Алексис Ципрас ги повика Грците на Сириза да ѝ дадат целосна победа на 25-ти јануари, за да може земјата да ги прекине четирите години жестоко штедење според условите за огромната финансиска помош која ѝ ја дадоа Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Во понеделник ќе биде крајот на националното понижување. Ќе прекинеме со наредбите од странство. Ја бараме првата можност за Сириза. Тоа би можело да биде и последната шанса за Грција“, рече Ципрас пред мноштвото приврзаници во Атина, пренесуваат грчките медиуми кои оценуваат дека тоа бил најголемиот предизборен митинг што го одржал.
Ципрас ги вознемири духовите во Европа и особено финансиските пазари со ветувањето дека ќе стави крај на кастрењето на јавната потрошувачка и ќе бара отпишување на долгот од европските партнери. Неговата порака, меѓутоа, наиде на многу добар прием кај Грците кои се борат со невработеноста од 25 отсто и намалувањата на платите, пензиите и социјалните надоместоци.
Европските медиуми големо внимание обратија на присуството на митингот на Сириза, веднаш до Ципрас, на челникот на шпанската левичарска партија Падемос. „Ветрот носи промени, промени во Европа, промени во Грција“, изјави на митингот Пабло Иглесиас.
Трите анкети објавени во четвртокот покажаа дека Сириза го зголемува своето водство пред конзервативната Нова демократија на премиерот на заминување Антонис Самарас само три дена пред изборите.
Анкетата на Metron Analysis којашто ќе биде објавена во петок покажа дека предноста на Сириза пред Нова демократија се зголемила на 5,3 од 4,6 отсто. Сириза би освоила 36 отсто од гласовите, на работ од целосна победа, покажува ова истражување на јавното мнение. Другата анкета на Rass, покажува дека Сириза води со 4,8 отсто разлика, а третата на GPO за телевизијата Mega покажува дека водството на Сириза е 6 отсто од 4 проценти колку што изнесуваше во претходното истражување на институтот.
Изборите во Грција со внимание го очекуваат и политичките кругови и финансиските пазари во Европа. Првите стравуваат дека победата на Сириза може да поттикне бран на подем на крајните леви партии на континентот а соодветно и на крајната десница имајќи ги предвид состојбите по исламистичките терористички акти во Париз и растот на антиимграциското и антисиламско расположение. Вторите сметаат дека грчка влада предводена од Сириза може да дојде во конфронтација со ЕУ и ММФ и да ја доведе земјата до работ на банкрот или излегување од еврозоната.
Според грчкиот изборен законик, изборниот праг за влез во парламентот изнесува 3 отсто од гласовите. Победничката партија добива бонус од 50 мандат во 300-члениот парламент, за да се осигури постабилно владеење и формирање влада. Бројката гласови неопходни за апсолутна победа зависи од делот на гласовите којшто ќе го добија партиите кои нема да го минат изборниот праг./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

