Свет
Хонг Конг на врвот меѓу 100-те најпосетени дестинации на планетата
Девета година по ред, Хонг Конг е на врвот на листата на најпосетени градови на планетата. Ова го покажуваат резултатите на истражувањето „Топ 100 дестинации во 2017 година“. Истражувачот на пазарот Еуромонитор интернешенел предвидува дека бројот на посетители во Азија од 26 милиони ќе се зголеми на 44 милиони до 2025 година.

На второ место, со импресивни 21,25 милиони посетители во 2016 година и годишен раст од близу до 10% е Бангкок. На третото место на ранг листата падна Лондон, со 19,2 милиони посетители во 2016 година, а во 2017 година се очекува блад пораст на 19,8 милиони туристи.
Рангирањето се базира на истражување на Euromonitor International во 100 земји и се базира на бројот на посетители кои поминале повеќе од 24 часа во градот.
„Азиските градови доминираат во Топ 100 дестинациите на градот, со 41 града во 2017 година, а бројката веројатно ќе се искачи на 47 до 2025 година”, изјави Вутер Гертс, аналитичар во Еуромонитор и главен автор на извештајот.
Кина останува високо рангирана на листата , благодарение на стратешката позиција на Хонг Конг. Тој забележа пад на растот во 2017 година, бидејќи односите со Кина станаа затегнати, но Еуромонитор предвидува дека ова ќе биде краткотрајно.
Сеул, пак, забележа пад од речиси 15 отсто во 2017 година – со очекувани 7.66 милиони посетители – што според Еуромонитор е резултат на тензиите меѓу Јужна Кореја и Кина.

Важноста на европските градови како туристички дестинации е во пораст последниве години. Минатата година се регистрирани вкупно 1,2 милијарди патувања. Повеќе од половина од сите меѓународни посетители кои доаѓаат во Велика Британија го посетуваат Лондон, додека вториот најпознат град во Велика Британија – Единбург – привлекува за 10 отсто помалку туристи од Лондон.
Врз посетата на европските градови силно влијание имаа појавата на тероризмот, при што Брисел, Париз, Ница и Истанбул ги почувствувата и првите ефекти од тоа.
Ираклион, главниот град на грчкиот остров Крит, е најголемиот европски победник во 2017 година, регистрирајќи раст од 11,2% и поместување за три места на ланг листата – и позиционирање на 66. место.
Во Дубаи се очекува раст од 7,7 отсто и 16 милиони посетители годинава, а во Мека – раст од 9,8 отсто и 8,7 милиони се очекува, со што тие се најголемите победници во 2017 година во овој регион.
Јоханесбург е единствениот субсахарски африкански град кој се најде во првите 100, но Еуромонитор ги пофали африканските напори за отворање на границите во време кога другите земји ги затвораат.
Африканскиот пасош, лансиран во јули 2016 година, им овозможува на имателите да патуваат без визи за сите 53 земји-членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск: Полска е лојален сојузник на САД, но никогаш нема да биде вазал
Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Полска е сигурен и лојален сојузник на САД, но дека никогаш нема да биде вазал, ниту на САД ниту на други земји.
„Советот за мир е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да можете да разговарате со вашиот најголем сојузник за тоа. Тие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да кимнува со главата и да се обидува да добие нешто со методот на ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформалниот самит на Европската Унија.
Пристапувањето на Полска во Советот за мир на Трамп беше една од главните теми на Советот за национална безбедност на Полска вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, кој е идеолошки близок до движењето MAGA, ја критикуваше владата за одбивање на поканата испратена од најважниот сојузник на Полска.
„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и никој не треба да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува тие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.
Премиерот додаде дека забележал оти понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на Мировниот совет, што е контроверзно за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.
„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што се важни за нас имаат слични или други сомнежи, ние сме во добро друштво. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и искрени“, рече Туск.
За време на шестчасовната седница, Националниот совет за безбедност ја разгледа новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – SAFE, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра меки заеми.
Опозицијата и претседателот се вознемирени од фактот што програмата SAFE не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Право и правда“, која сега лобира за американско оружје, само една четвртина од расходите оделе во домашната полска воена индустрија, додека во владините проекти на Туск финансирани од програмата SAFE, 80 проценти од средствата ќе одат во полската воена индустрија и набавка на оружје.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.

