Македонија
МЕПСО го стави под напон новиот 110 kV далекувод што ги поврзува Скопје и Тетово
МЕПСО го изгради и во четврток го стави под напон, во пробна работа, новиот 110 kV (киловолтен) далекувод што ги поврзува трансформаторските станици: „Скопје 1“ – „Југохром“ – „Теарце“ – „Тетово 1“.
Oвој проект стратешки и системски е од круцијално значење за националната преносна мрежа затоа што овозможува стабилно и доверливо снабдување со електрична енергија на тетовскиот и на скопскиот регион, две најголеми конзумни подрачја во електроенергетскиот систем на Македонија.„Новиот далекувод е изграден со цел да се одговори на растечките потреби за потрошувачка на електрична енергија на полошкиот регион и да се обезбеди стабилно и доверливо снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија за среднорочен период во идните дваесетина години“, истакна Синиша Спасов, генерален директор на МЕПСО. Инвестицијата на МЕПСО надминува 3,5 милиони евра. Проектот е финансиран од сопствени средства на МЕПСО и со кредитна линија од Светска банка. Новиот далекувод ќе го замени постоечкиот што беше во функција подолго од 60 години кој беше поставен на армирани-бетонски столбови. Сега сите армирано-бетонски столбови се заменети со нови челично-решеткасти столбови. Дел од столбовите се на постоечката траса на која и досега постоеше 110 kV далекувод, а дел се изградени на нова траса. Далекуводот има вкупно 187 столбни места, а ново изградени се 158 челично-решеткасти столбови. Вкупната должина на далекуводот што ги поврзува трансформаторските станици „Скопје 1“, „Југохром“, „Теарце“ и „Тетово 1“ е 48 километри. Изградбата на далекуводот траеше една година.Проектот опфати поставување нови далекуводни столбови, нови спроводници за пренос на електрична енергија, изолатори, овесна и спојна опрема. Воедно, во рамки на овој проект извршени се прилагодувања во сите трансформаторски станици што ги поврзува овој линиски енергетски објект при што е поставена потребна современапримарна и секундарна високонапонска опрема. Најзначни промени и модернизација беше извршена во трансформаторската станица „Југохром“ каде што , во рамки на овој проект, во целост е модернизиран собирничкиот систем на 110 kV напонско ниво.Од МЕПСО апелираат, месното население кое гравитира околу трасата на далекуводот строго да се придржува до поставената сигнализацијата за предупредување од опасност поставена на далекуводните столбови, заради зачувување на безбедноста при изведување на какви било земјоделски работи или градежни активности во близина на далекуводот. Далекуводот поминува низ териториите на општините: Бутел, Чучер – Сандево, Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Јегуновце и Тетово./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

