Вести
Кери: Разговорите „сé поблиску до точката на разбирање“ за примирјето во Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави во понеделникот дека разговорите со Русија и коалициските партнери се „сé поблиску до точката на разбирање“ во врска со обновувањето на примирјето во Сирија, вклучително и околу северниот град Алепо, а тамошната влада објави дека за уште 48 часа го продолжува „режимот на затишје“ во областа на главниот град Дамаск.
Изјавата Кери за новинарите ја даде во Женева, пред започнувањето на разговорите со саудискиот министер за надворешни работи Абдел ал-Џубеир во рамките на засилените дипломатски напори за запирање на порастот на насилствата и спасувањето на кревкото примирје и мировните преговори.
„Се поблиску сме до моментот на разбирање, меѓутоа имаме уште многу работи и затоа сме тука“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери.
Џубеир ја осуди ескалацијата на судирите нарекувајќи го „кршење на сите хуманитарни закони“. Тој за воздушните удари во Алепо ги обвини владините сили и уште еднаш го повика сирискиот претседател Башар ал-Асад да се повлече од должноста.
„Тој не може да замине низ политички процес и се надеваме дека тоа и ќе го стори, или ќе биде тргнат на сила“, се закани шефот на дипломатијата на Саудиска Арабија, монархија каде се практикува вехабитскиот сунитски ислам, и која официјален Дамаск ја обвинува за финансирање на радикалните исламистички и џихадистички групи во Сирија да ја започнат војната во март 2011 година.
Што се однесува до прашањето за повлекување од должноста на алавтискиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад, како што бара вооружената сунитски опозиција поддржана од сунитските земји во регионот и од Западот, Дамаск повеќепати истакна, за што ја има поддршката од своите сојузници Русија и шиитски Иран, дека за политичката иднина на Асад треба да одлучуваат само Сиријците, и тоа на избори.
„Светот нема да дозволи тоа да им мине само така“, додаде Џубаир алудирајќи на воздушните удари во кои минатата седмица во Алепо беше погодена болница во кој загинаа доктори и пациенти, за што ја обвинува владата во Дамаск.
Но, тој не одговори на сириските обвинувања и тврдењето на руското министерство за одбрана кое понуди докази дека критичниот ден кога е погодена болницата во Алепо над градот летале само авиони на меѓународната коалиција предводена од САД, чија членка е и Саудиска Арабија.Сириската влада соопшти во петокот дека воведува привремен „режим на затишје“ во покраината околу главниот град Дамаск и во покраината Латакија, но Кери порача дека примирјето постигнато со посредство на САД и Русија од 27-ми февруари, мора да го вклучува и Алепо, каде што е регистриран најголем пораст на насилствата, но каде што се активни и двете радикални сунтиски групации Исламска држава и Џебхат ан-Нусра, кои не се опфатени со договорот за примирјето.
Руското министерството за одбрана соопшти во неделата дека во тек се разговори за вклучување на сириската покраина Алепо во привремениот „режим на затишје“ на судирите, пренесуваат руските новински агенции, а сириската армија го потврди продолжувањето на овој режим за покраината на главниот град Дамаск, за уште 24 часа.
Во понеделникот сириската армија ја потврди информација од Москва дека го продолжува за 48 часа примирјето околу Дамаск и регионот Источна Гута, откако претходно во неделата објави дека „режимот на затишје“ објавен во петокот го продолжува за дополнителни 24 часа.
Рускиот генерал Сергеј Кураленко, еден до портпаролите на министерството за одбрана, рече во понеделникот дека Русија, САД, сириската влада и „умерената“ опозиција се согласиле да го продолжат затишјето за уште два дена, до крајот на вторник 3-ти мај./крај/мф/сн
Извор: Reuters/РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.