Македонија
СДСМ монтира случаи, македонската економија е на дното, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Македонската економија е на дното во Европа поради катастрофалните економски политики што ги води владата на СДСМ. Ова е ставот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде како што велат, Владата на СДСМ е фокусирана на деструкција, уривање споменици, притворање неистомисленици, а економијата не е ниту во втор план, туку е крајно маргинализирана.
„Во услови кога цела Европа забележува високи стапки на раст на БДП, македонската економија стагнира. Пад бележат дејностите: информации и комуникации, финансиски услуги, јавна управа и одбрана, активности во врска со недвижниот имот, освен дејностите трговија и земјоделство. Наместо владата да промовира мерки со кои директно ќе ја помогне економијата, со површни мерки и гол популизам, купува време за опстојување на власт. Популизмот на Заев се сруши пред фактите и бројките објавени од Државниот завод за статистика. Неспособноста да испорача економски раст владата ја покрива преку пресметка со политичките неистомисленици“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, за граѓаните да не се занимаваат со расипништвото на владата, СДСМ преку правосудните органи монтира политички случаи против своите неистомисленици.
„СДСМ неосновано во притвор ги смести токму оние кои беа најгласни против нивните катастрофални политики на секое поле. Патриотите кои го кренаа својот глас против штетните политики на Заев сега треба да бидат жртви преку кои ќе се заплашуваат сите идни критичари на власта.
Политичкиот прогон мора да запре. Обвинителството мора да престане да креира монтирани обвиненија и да работи на сузбивање на реалниот криминал кој ја влоши безбедносната ситуација во државата. Судството мора да се ослободи од стегите на власта и да престане да постапува по партиски директиви. Македонската економија е во слободен пад и владата веднаш треба да почне да ја подобрува економската клима во државата. Колку побргу ќе си замине оваа неспособна власт, толку побргу ќе закрепне економијата и ќе се врати правната држава“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекоа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

