Македонија
Османи: Почеток на преговорите за време на австриското претседателство со ЕУ
Наша амбиција е да ги почнеме преговорите со ЕУ за време на австриското претседателство, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој ја пречека делегација од Република Австрија, предводена од раководителот на Секторот за Западен Балкан и проширување на ЕУ при австриското Федерално министерство за Европа, Клаус Велфер.
Османи на средбата изрази благодарност од досегашната поддршка на Австрија за нашите евро-атлантски аспирации и изрази надеж дека за време на австриското претседателство со Советот на ЕУ тие ќе продолжат активно да работат на процесот на проширување и изрази очекување дека австриската поддршката за нашата земја ќе продолжи со забрзано темпо, што на крајот би било крунисано и со преговори за членство во Унијата.
„Ако претседателството на Бугарија со советот за ЕУ за нас претставуваше еден вид отскочна штица за враќање на земјава на европскиот колосек, наша амбиција е за време на претседателствувањето на Австрија да ги почнеме преговорите за полноправно членство во Европската Унија“, рече Османи.
Тој се осврна и на содржината на пораките содржани во Стратегијата на ЕК за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година посочувајќи дека Комисијата испрати јасни пораки дека Македонија треба да очекува чиста препорака за почеток на преговори со следниот извештај, но и согласно со отстранувањето на политичките пречки, и одлука од страна на Советот на ЕУ за почеток на преговори.
„Добивме исклучително позитивни пораки од страна на Европската комисија, со кои се валоризира досегашниот напредок во имплементацијата на реформите и подготовката на земјата за напредок во европските интеграции, но и шанса за приклучок на динамиката 2025 на Европската комисија“, истакна Османи.
Средбата претставува дел од пошироката активност на Австрија за подлабоко скенирање на состојбите во земјите од Западниот Балкан, пред јунското преземање на претседателството од страна на земјата со Советот на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.
Македонија
Соработка со Чешка за обединет и поефикасен систем за справување со кризи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.
Македонија
Алиу на онлајн состанок со странските експерти за кардиохируршки интервенции
Денес се одржа онлајн состанок меѓу интерната и странската експертска комисија ангажирана од Министерството за здравство, во рамки на процесот за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше експертите за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите и целта на двостепената стручна проверка.
„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, рече министерот Алиу.
На состанокот беше усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.
Министерството потсетува дека странската експертска група е составена од тројца врвни професионалци – д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и меѓународно споредливи стандарди во анализата на доставените случаи за извршени операции или непотребно упатени за операција.

