Македонија
(Видео) Спировска на „Пичприч“ за шарената револуција, стресот и вкочанетата вилица
Актерката и граѓанска активистка Симона Спировска на вечерта за раскажување женски приказни „Пичприч“, следејќи ја темата „Добив“ раскажа за случка од протестите на шарената револуција. Таа на почетокот се потсети на хорот „Распеани скопјани“, за кој кажа дека ѝ недостасува, а потоа потенцираше дека луѓето кои ги запознала се нејзината најголема добивка во животот.
„Во периодот кој измина добив стрес, вкочанета вилица, игла во рамо и желба некому да удрам бокс. Бокс сакав да удрам на првиот протест по срамната аболиција. Прво стоевме пред канцеларијата на Ѓорѓе Иванов во центарот на градот, а потоа се упативме кон штабот на ВМРО. Таму нè пречека кордон, не можевме никако да стигнеме до штабот на ВМРО. Се обидовме од разни премини, но не успеавме. Додека ние, главно девојчиња, ги држиме штитовите на полицајците, од задните редови слушам машки глас кој ги пцуе полицајците. Не дека ми е жал што ги пцуе, бидејќи сум ги пцуела и јас и не жалам за тоа. Додека ги пцуе, ги провоцира… Додека се случува тоа, тој се повлекува во задните редови, а не остава нас напред изложени на опасност. Си размислувам од денешна перспектива за тој гнев. Си велам, можеби не треба да се лутам, можеби стравот е тоа што нè тера да викаме од задните редови и да се повлекуваме постојано како граѓани кои сакаат да се изборат за своите права. Стегнатата вилица ја имам уште бидејќи не е нешто со кое човек може да се справи лесно. Иглата во рамо ја добив на костимска проба во театар. Тоа резултираше со симпатичен белег што го носам со гордост“, раскажа Спировска.
Актерката како случка за која сакаше да зборува издвои приказна кога прв и последен пат се напила лексилиум за смирување.
„Одам на работа и ексдиректорот ме застанува на врата и се осмелува да ме праша зошто не го бакнувам. По оваа случка, првпат добив потреба да се напијам лексилиум. Меѓу сите овие работи низ годините, протестите, моето приведување, прекршочната пријава, првата претстава ‘Да ми го поздравиш и да ми го бациш’, па повторно прекршочни пријави, нова претстава ‘Експеримент’ па пак прекршочни, следува претставата ‘Ужегнатост’ па пак прекршочни сфатив дека по секоја прекршочна има добра премиера. Доаѓа кокиче, доаѓа пролетта. Во последниот период се радувам кога ќе добијам прекршочна. Низ овие години добив и еден Жарко, кој ги носи сите мои чудни добивки и не се противи. Најубавата работа што ја добив се случи во декември додека ги пишувавме писмата до Дедо Мраз со моите внуки. Додека ги пишувавме писмата, ми велат ‘Сега ќе му пишеш на Дедо Мраз дека ние не сакаме тој да дојде кај нас оваа година. Ние го замолуваме да отиде кај децата кај кои не бил и никогаш не добиле подарок за да се израдуваат’. Ова е најголем подарок бидејќи ми кажува дека ова не завршува овде и ќе продолжи со генерации. Ќе има кој да нè наследи во нашата борба“, дораскажа актерката Спировска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

