Македонија
Клиничкиот центар може да се изгради за 120, а не за 420 милиони евра, тврди ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за здравство, Венко Филипче, бесрамно кажа дека ќе потроши 300 милиони евра повеќе отколку предвиденото со договорот за изградба на клиничкиот центар на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Заев и Венко Филипче расипнички се однесуваат со парите на граѓаните. Заев и Филипче мора да одговорат која е потребата да се потрошат 300 милиони евра повеќе од потребното, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Венко Филипче.
„Власта треба да одговори зошто е потребно граѓаните на Република Македонија да платат отштета за раскинување на веќе готов договор за градба на клинички кој е поефиктивен и побрз. Ова е уште еден доказ дека власта не работи во полза на граѓаните. Наместо неосновано трошење на повеќе од 300 милиони евра, власта може со тие пари да изгради уште три клиники во државата и целосно да ги опреми. Филипче најави дека изградбата на клиничкиор центар ќе се одвива околу седум години, пет години повеќе отколку планираната изградба на клиничкиот центар според проектот на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
Според опозициската партија, СДСМ ќе ги остави граѓаните пет години години повеќе без современ клинички центар. Власта нема ниту еден разумен аргумент за трошењето 420 милиони евра во услови кога тој може да се изгради за 120 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

