Македонија
(Видео) Чомовски: Копилињата во партиите се многу поопасни
„Копилиња во македонското новинарство има, тие се качени на бродот ‘Титаник’ и се препознаваат. Жал ми е што некои од нив ќе завршат само како даночни затајувачи“, вака новинарот Александар Чомовски ги коментира последните случувања во медиумите и заканите врз претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани.
„Не е проблемот во ‘копилирањето’. Копилињата во политичките и партиските ергелиња се многу поопасни, поагресивни и демонски настроени врз слободата и демократијата. Овој протест е сосема легитимен за еден континуиран бунт на новинарите кои се обидуваат барем елементарно да стават некаква брана за полуписмени, полунезнајни, полубандитски партиски функционери со кои, најверојатно, партиските шефови треба да се справуваат, а ние да ги нотираме на начин на кој тоа го правиме“, вели Чомовски за „Макфакс“.
Чомовски вели дека не треба никој да се заморува со тоа дали во цела Македонија ќе пишуваат навредувачки написи за него, дали ќе биде во топ-5 прислушувани новинари во Македонија и слично, туку треба да се надмине, како што вели, овој лош период на новинарството.
„Сè додека со јавното мислење се обидуваат да владеат разни бекировци, мекировци, синџировци и додека зад нив стојат разни ментори, без оглед дали се од досегашната власт или од сегашната актуелна владејачка гарнитура, мора да преземеме чекори за справување со насилството, сè дотогаш новинарите имаат право да го бранат својот интегритет“, додава Чомовски.
Потсетувајќи се на двајцата убиени новинари на Малта и во Словачка, Чомовски прашува дали тоа треба да се случи и во Македонија за да заминат бандитите што сè уште мислат дека владеат со оружјето и парите.
„Мислам дека во моментот не сме на таа граница за да имаме инциденти како на Малта и во Словачка. Најлесно е да влезеш во таа перцепција. Ако вака продолжиме, тешко дека ќе можеме да се справиме. Јас бев на сите воени боишта, па и таму каде што Бекир Асани бранеше или напаѓаше, но никој од неговите соборци, на чело со тогашниот командант Али Ахмети, не се осмели да нè нарече копилиња. Тие имаа доверба во моќта на новинарите кои тогаш застанаа зад нивните основи премиси, а тоа се слобода, демократија и човекови права“, рече новинарот Чомовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

