Македонија
Османи: Албанците во Македонија се целосно определени за НАТО

Секоја промена на границите на Балканот ќе има домино-ефект поради што е неприфатливо да се разговара на оваа тема, изјави вицепремиерот Бујар Османи во интервју за албанската телевизија „Клан“.
Османи во најгледаната емисија во Албанија, „Опинион“, на новинарот Бленди Фејзиу му изјави дека НАТО е единствена гаранција за безбедноста и стабилноста на Македонија, па Албанците во Македонија се цврсто определени земјата да стане членка на алијансата. Тој додаде дека ако се најде решение за името со Грција, се очекува Македонија во јуни и јули да ги започне преговорите за членство во ЕУ и да стане членка на НАТО.
„Никогаш не биле поблиску преговорите за надминување на проблемите за името со Грција“, истакна Османи и додаде дека сепак во финалната фаза на билатералните преговори ќе има потреба од посредник за конечно решавање на спорот.
Во врска со законот за јазиците во Македонија, Османи во интервјуто рече дека се очекува идната недела да се надмине актуелниот грч што се случи по ветото на претседателот Иванов и покрај тоа што законот е изгласан двапати.
„Со усвојувањето на законот, конечно ќе се исполнуваат сите обврски што се предвидени со Охридскиот договор“, исткна Османи.
Според него, новата Влада предводена од премиерот Зоран Заев нуди порелаксирани меѓуетничките односи. На прашањето дали има верски радикализам во земјата, Османи истакна дека нема отворен верски радикализам и додаде дека е опасно ако политичкото организирање се врши врз основа на верата. Според Османи, во Македонија има руско влијание и тоа е присутно и во активноста на некои организации, здруженија, медиуми, а во последно време и во политичкото организирање. Коментирајќи ги билатералните односи на Македонија и Албанија, Османи оцени дека тие односи се коректни и тие покрај на билатерален план, треба да се развиваат и на регионално ниво. К. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ вели дека економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ

Економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ после 7 години катастрофално менаџирање, лоши економски политики и отсуство на мерки и проекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 7 години откако СДС ја уништи економијата и го срози стандардот на граѓаните, од голем минус стопанството и трговијата во индустријата се стабилизираа. Индикаторите за првиот месец од вториот квартал се високи, што покажува дека состојбата е стабилизирана во рамките на нула. Имаме раст на трговијата во индустријата од 6%, раст на преработувачката индустрија од 6,6%. Раст на прометот со трговијата во индустријата на меѓународниот пазар, каде имаме многу повеќе раст од домашниот. Прометот во трговијата во индустријата надвор е околу 7,5 – 7,6 проценти. За краток период Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ исто така успеа да ги стабилизира буџетските приходи, и енормно да ја зголеми довербата на инвеститорите. Владата работи посветено со домаќински скроен буџет, се зголемија платите во клучни сектори како здравство, образование, полиција, се работи на конкретни мерки и проекти за намалување на невработеноста со цел подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Денес протест пред МВР поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс

Денеска пред Министерството за внатрешни работи во 12 часот ќе се одржи протест поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од држава.
-На 15 јуни во 12 часот ве повикуваме на мирен, но гласен и масовен протестен марш што ќе започне пред Министерството за внатрешни работи! Кога едно убиство — најтежок облик на кривично дело — останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира! Кога нема казна, има повторување! Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество! Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина!, велат од здруженијата.
Здруженијата бараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од една година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.
Македонија
По половина час се чека на граничните премини Табановце и Богородица

На граничните премини Табановце и Богородица, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.