Македонија
(Видео) Законот за јазици да се објави без потпис од Иванов!?
Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието – според овој став од членот 75 од Уставот на РМ, универзитетскиот професор Темелко Ристески ја толкува можноста собранискиот спикер Талат Џафери да го потпише указот за законот за јазиците, откако претседателот Ѓорге Иванов најави дека нема намера да стави потпис на закон кој според него е неуставен.
– Мислам дека може да се објави со потпис само од Џафери, но тоа би било тежок преседан кој досега сме го немале во нашата пракса и може да предизвика политички турбуленции. Сепак, треба да се најде решение претседателот да го потпише указот. Иванов може да сноси последици, има кривична одговорност за злоупотреба на службената положба. Од импичмент не мора да се плаши, но неговиот мандат ќе заврши, а кривичните дела не застаруваат, вели Ристески.
Со употребата на т.н. џебно вето за законот за јазиците, според Ристески, постои опасност од политичка криза која може да се рефлектира во меѓуетничките односи. Тој му порачува на претседателот Иванов да поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста до Уставниот суд, а во спротивно со непочитување на Уставот, Иванов може да се гони кривично за злоупотреба на службената положба, додава Ристески.
Од друга страна, дел од уставните експерти сметаат дека без потпис на указ од шефот на државата, законот не може да стапи на сила.
„Без потпишан указ од претседателот на Републиката законот не може да биде објавен во Службен весник, а штом не е објавен, не може да стапи на сила и не може да се применува во пракса. Во таков случај законот останува само на хартија. Директорот на ‘Службен весник’ не смее да го објави некомплетниот закон бидејќи во нашиот уставен поредок указот не се смета само за обично формално дејствие што го прави претседателот на Републиката, како што сметаат некои, туку потпишувањето на указот е суштествен, клучен чин за правно финализирање и заокружување на целата постапка при носењето на законот“, смета Каракамишева.
Во колумна под наслов „Шверцување на двојазичноста и ‘џебното вето’ на претседателот“, доц. д-р Димитар Апасиев пишува дека законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување.
„Тогаш и само тогаш конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила. Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство. Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата“, вели Апасиев.
Тој потсетува на претходни ситуации кога поранешните претседатели го употребиле суспензивното вето, кое, како што додава Апасиев, само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – додека, џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес.
Законот за јазиците вчера беше изгласан со 64 гласа „за“ во тензична атмосфера. Според собранискиот спикер Талат Џафери, законот бил донесен според процедурата. Тој го повика претседателот Иванов да го потпише указот бидејќи, во спротивно, со непотпишувањето го крши највисокиот правен акт – Уставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

