Македонија
(Видео) Јовески: Се сретнав со родителите на Алмир и им реков дека во преквалификацијата на делото нема никаква заднина
Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, во интервју за „Макфакс“ изјави дека на негово барање се сретнал со родителите на четиригодишното дете Алмир Алиу од Куманово, кое беше прегазено во 2016 година во Куманово и им подлегна на повредите. „Бев со цел да им кажам дека нема никаква заднина во преквалификацијата на предметот“, рече Јовески во интервјуто. Тој изјави дека правдата ќе биде задоволена, а правото мора да владее. Јовески потврди дека во случајот нема никаква етничка или каква и да е друга позадина.

Јовески потенцираше дека го проучил предметот за прегазувањето на малиот Алмир и дека обвинението на обвинителот се заснова на факти и докази што му стојат на располагање. Во конкретниот случај врз основа на доказите и вештачењата во предметот, обвинителката која го застапува предметот утврдила дека во случајот нема умисла, односно дека доказите не го потврдуваат обвинението кое првично било убиство со умисла, рече Јовески.
„Врз основа на претставка на оштетен, предметот е рефериран во Вишото јавно обвинителство, а потоа и во Јавното обвинителство“, изјави државниот јавен обвинител, според кого, значаен дел од над 25 обвинители на повисоките обвинителства се изјасниле дека прибраните докази не го потврдуваат првичното обвинение.
Државниот јавен обвинител изјави дека не го оправдува писмото на четворицата јавни обвинители дека е сторена повреда на Законот за јавнообвинителска служба. Јовески рече дека станува збор за предмет за кој во тек е судска постапка и ваквиот начин на комуникација во јавноста може да влијае и врз Обвинителството и врз судот. На прашање што може да се очекува од Етичкиот совет за поведението на обвинителите, Јовески рече дека ќе почека да биде свикана седница и точката да биде ставена на дневен ред.

„Лично немам партиски притисок, но ако ги следите соопштенијата на некои партии и на Министерството за правда, тоа може да се протолкува како влијание врз работата на Јавното обвинителство“, рече Јовески и додаде дека се залага „Јавното обвинителство да се тргне од ‘канџите’ на политиката“. Можеби дел од овие напади се должат на овие напори на Јавното обвинителство за владеење на правото, изјави Јовески.
Обвинителот изјави дека бил присутен на седницата на Советот на јавни обвинители кога беа донесени 2 спорни одлуки за избор на јавни обвинители, за кои реагираше американскиот амбасадор Џес Бејли, кој рече дека има судир на интереси и непотизам. Објасни дека ќе ја почека одлуката на Антикорупциската комисија. „Изборот беше направен врз основа на постигнатите резултати“, рече Јовески. За неговата работа, изјави дека по неговото доаѓање на позицијата никој не може да порача одредена одлука во Јавното обвинителство. „Обвинителството мора да работи во согласност со закон“, рече Јовески. Тој говореше дека Обвинителството ги следи протестите пред домовите на пратениците и говорот на омраза по социјалните мрежи, по изгласувањето на спорниот закон за употреба на јазиците. Јовески го повтори ставот за статусот на Специјалното јавно обвинителство во рамки на Јавното обвинителство. Како што рече, работни групи работат на измените на Законот за јавното обвинтиелство. „Сметам дека во рамките на тој закон ќе се најде решение за статусот на СЈО“, изјави Јовески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

