Македонија
Пратениците на ДУИ поднесоа иницијатива за истрага за случајот „Алмир“
Пратениците на Парламентарната група на Демократската унија за интеграција денеска во Собранието се сретнаа со семејството на Алмир Алиу.
Во согласност со родителот и адвокатот, пратениците на ДУИ иницираа формирање работна парламентарна група која ќе го разгледа целиот случај со малиот Алмир.
„Иницијативата за формирање работна парламентарна група беше предадена и архивирана уште денеска, со иста форма како работната група за случајот ‘Сопот’, додека бараме поддршка од сите партии, за овој процес да не презема политичка, партиска или етничка насока“, велат од ДУИ.
Адвокатот на семејството Алиу, Алиспаиќ, рече дека очекува во овој процес да бидат избелени сите процедурални прекршувања и сите неправди направени од страна на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок, кажа Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.
„Се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект на оперативни активности, за во најкраток можен рок предметното лице кое што е под прогон од страна Обвинителството во Македонија да биде изнесено пред лицето на правдата и пред судот“, рече Тошковски.
Министерот кажа дека нема конкретен рок, но дека тоа ќе биде сторено во најкратко време.
„Очекуваме дека ќе биде за брзо“, додаде Тошковски.
Македонија
(Видео) Пендаровски: Бројот еден е гаранција дека државата ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска беше помеѓу граѓаните на општина Арачиново.
Пред присутните, Пендаровски порача дека во досегашниот мандат покажал дека е претседател кој не ги дели граѓаните по ниту една основа и дека така ќе продолжи и во следниот мандат.
„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само на Македонците. Ќе бидам претседател на сите, како што бев глас на секој без оглед на етничка и каква било припадност. Промовирањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет и во наредните пет години“ порача Пендаровски.
Пендаровски посочи дека очекува голема поддршка на осми мај за државата да продолжи напред, како демократска, мултиетничка, прогресивна држава на рамноправни граѓани.
„Само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ, се друго е продавање на политичка магла и обиди за враќање во времињата на тензии, поделби и неизвесност. Македонија нема друга опција освен продолжување на преговорите за членство во ЕУ додека да станеме дел од големото европско семејство. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“, посочи Пендаровски.
Македонија
(Видео) Спасовски: Силен СДСМ е потребен за европска иднина, не сакаме враќање на режимот
Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2, предводена од СДСМ и коалицијата, Оливер Спасовски, даде изјава за медиумите во Ѓорче Петров, со повик до граѓаните за масовна излезност на 8 мај за бројот 1.
„Ве повикувам – Излезете на 8 мај, силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата! Да не дозволиме враќање на режимот! Десничарската партија ВМРО ДПМНЕ е истата таа на Груевски, а знаеме сите што значи преголема моќ во нивни раце – крај на ЕУ перспективи, крај на поголеми плати и пензии, крај на можности за младите и крај на соживот и меѓуетничка кохезија“, рече Спасовски.
Притоа, тој истакна дека граѓаните не сакаат враќање на режимот.
„Доволно беше чекањето за Европа и никој не сака враќање назад по патот кон нестабилност и изолација. ДПМНЕ ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед, сега зборуваат за рокови. Истото тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој. Ќе го вратат национализмот, насилството, апсењето новинари и тепањето студенти, прислушувањата и грабежот на народни пари. За тоа да немате дилема!“, рече Спасовски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за СДСМ и коалицијата.
„Сите сме исправени пред голем предизвик, секој еден член и активист на СДСМ, секој граѓанин, Македонци, Албанци, Роми, Срби, Влади, Бошњаци, Турци и сите други – имаме обврска, заради аманетот од предците борците од НОБ и АСНОМ кои ја изградиле Македонија, и уште поважно, заради генерациите кои доаѓаат, да им оставиме европска држава, европски живот дома!
Затоа е важно на 8 мај сите да излеземе и да го поддржиме СДСМ, затоа што ДПМНЕ ќе го донесе повторно режимот кој долго време се трудевме да го срушиме. СДСМ е единствената партија која ја движи државата напред, кон прогрес, интересот на граѓаните и развојот на државата – секогаш пред сѐ и над сѐ.
Мора да сме силни и единствени СДСМ, заради иднината на државата. Да ги зачуваме слободата и напредокот на државата! Нема да се откажеме – Сите масовно на 8 мај гласаме за број 1!“, рече Спасовски.