Македонија
Сопственикот на фирмата преку која биле испумпувани пари од „Актор“ бил на пат, порача да отвориме македонски медиум
Георгиос Папастамос, сопственикот и управител на Друштвото за геодетски работи и услуги „Топометриа ДООЕЛ“ од Скопје, не одговори на прашањата кои му ги постави „Макфакс“ за истрагата на СЈО во случајот „Актор“. Папастамос, кој, како што објави „Макфакс“, со основачки влог од 5000 евра е основач и управител на ова друштво, нè упати да го отвориме порталот „Република“. Таму вчера беше објавен документ во кој Европската канцеларија против измами ОЛАФ наводно констатира дека нема злоупотреби во случајот.
„Се извинувам за задоцнетиот одговор, но престојувам на подолготрајно бизнис-патување и затоа ве упатувам одговорите на вашите прашања да ги најдете на следниот линк“, напиша тој во пораката на е-пошта. Истата порака која упатува на текстот на „Република“ ја добивме и од фирмата „Глобал констракшн компани ДООЕЛ“ од Скопје. Третата фирма, „Инвикта ДООЕЛ“ од Скопје, пак, ја игнорираше пораката.
„Макфакс“ вчера објави дека почетокот на градежните активности на делницата се случи на 8 септември 2012 година кога беше поставен камен-темелникот, во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески. Фирмата „Глобал констракшн компани“ ДООЕЛ, која е една од фирмите подизведувачи, според увидот што „Макфакс“ го направи во Централниот регистар, е основана на 23 декември 2012 година или неполни три месеца по почнувањето на активностите за изградба на автопатот. Сопственик на фирмата е Гркот Христос Ангеликас со адреса во Атина. Управител на фирмата е исто така Грк, Михаил Зикос, од Атина. Втората фирма подизведувач, што СЈО ја сомничи за перење пари, „Топометрија“ ДООЕЛ од Скопје, е регистрирана со адреса на улица Христо Смирненски. Основана е на 5 декември 2012 година со основачки влог од 5.000 евра. Сопственик и управител на фирмата е Гркот Георгиос Папастамос од Атина.
Според СЈО, во периодот од 2012 до 2016 година со повеќе дејства, со искористување ист траен однос, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во Македонија, што ги презема „Актор АДТ подружница Скопје“, формирана од осомниченото правно лице „Актор СА“, Република Грција, со намера да ја скрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, на грчки државајни им биле исплаќани огромни суми пари во кеш.
Шестоосомничениот како управител на подружницата на „Актор АДТ“ – Скопје договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење подизведувачки работи со другите осомничени одговорни лица како претставници на осомничените правни лица „Глобал констракшн компани“, „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје и „Инвикта Боро“ ДООЕЛ Скопје, со единствена цел пренос на парични средства од „Актор АДТ подружница Скопје“ кон правните лица „Глобал констракшн“ ДООЕЛ Скопје, „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје и „Инвикта Боро“ ДООЕЛ Скопје. Во повеќе наврати биле исплатени износи од сметките на „Актор АДТ подружница Скопје“ кон сметките на правните лица „Глобал констракшн компани“, „Топометрија“ и „Инвикта“ во вкупен износ од над 31 милион евра.
Преку филијалата на „Стопанска банка“ АД Скопје во Неготино се одвивала исплатата на кеш на стотина грчки државјани. На овие лица преку банката кешот им бил исплаќан по основа на договор за дело. При секоја исплата била присутна Атина Зога, сметководителка на „Актор“, на која ѝ била давана готовината. Сумите биле од 20.000 до 90 илјади евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

