Македонија
(Видео) Санев: Јанкулоска бесправно ме деградираше со цел да ја унапреди сопругата на Горан Грујевски
Поранешниот началник на Одделението за меѓународна соработка во Секторот за Европска унија при МВР, Антонио Санев во 2012 година од оваа позиција е распореден на два степена пониско работно место и на негово место доаѓа сопругата на началникот од УБК, Горан Грујевски, Росица Грујевска која била превземена од граничната полиција.
Санев од Одделението за меѓународна соработка е преместен во Регионалниот центар за гранични работи Север како аналитичар и смета дека со оваа одлука која е донесена од поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е максимално деградиран и дека позади целата работа стојат меѓусебни интереси помеѓу засегнатите страни.
„Сменет сум од страна на дисциплинската комисија на чие чело беше Киро Тодоровски, назначен од тогашната министерка Гордана Јанкулоска. Од комисијата моето менување го образложуваат со тоа дека сум направил прекршување на прописи на МВР затоа што не сум извадил беџ и во даден период не сум бил во канцеларијата. Се работи за едно тотално лажирање и назначување на друго лице место мене кое ќе извршува наредби“, вели Санев додавајќи дека покрај другото, Тодоровски не исполнувал услови да биде претседател на комисијата со што е прекршен колективниот договор на МВР и Законот за внатрешни работи.
Прераспределениот началник за оваа одлука во повеќе наврати поднел приговори до секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР како и до министрите кои биле на чело на ова министерство од 2012 година па досега, Агим Нухиу и актуелниот министер Оливер Спасовски. Приговорите констатно биле одбивани како неосновани, а министерот Спасовски го советувал правдата да ја бара на суд.
„Ваквото однесување и прикривање е кривично дело и злоупотреба на службената должност од страна на највисоките преставници на МВР. Самото министерство констатирало незаконитост и не презема ништо во врска со тоа“, вели Санев.
По добиениот одговор од министерот Спасовски, Санев одлуката за распоредувањето ја обжалил кај Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен, но и оттаму добил решение во кое стои дека приговорот се отфрла како недозволен.
Санев го повика премиерот Зоран Заев и јавното обвинителство да се ангажираат околу целиот случај и да го расчистат хаосот кој се случува во МВР.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.
Македонија
Скопје повторно ќе пулсира во ритамот на виното со Винодонија 2025
Винодонија 2025 – најпрестижниот вински настан во Македонија и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Деветтото издание на салонот ќе се одржува денеска и утре во Скопје, а посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од земјата и од странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.
-Салонот ќе биде винска сцена за споделување на вкусови, емоции и моменти, идеално место за уживање во најдоброто од виното пред крајот на годината. Со внимателно одбран амбиент, богата програма и вински ритуали што ги слават сетилата, Винодонија 2025 воедно е и покана за достоинствено затворање на годината – со чаша вино во рака и со друштво што знае да препознае вкус и вредност. Со повеќе од 75 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2025 ветува незаборавно винско патување, најавуваат организаторите.
Интернационалниот карактер на Винодонија 2025 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.
Водечкиот карактер на Винодонија 2025 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

