Македонија
(Видео) Сачевалиев: Заев ми побара едно евро за него, едно за СДСМ и едно евро за црквата
Бизнисменот Иван Николов Сачевалиев во сведочењето за случајот „Поткуп“ повтори дека во 2013 година, кога Зоран Заев беше градоначалник, знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште и му се јавил за да дојде кај него за 15 минути во градоначалничкиот кабинет во Струмица. Му рекол дека може да го откупи земјиштето за 70 денари од квадратен метар, но дека ќе треба да плати плус три евра – едно евро за него, едно за СДСМ и едно евро за црквата.
„Јас го сослушав и му реков дека тоа се многу пари. Требаше да откупам 100.000 квадратни метри, за што ќе ми требаа 300.000 евра.Заев во исто време ми покажа и куп книги во кабинетот и ми рече дека сите тие предмети биле решени на ист начин“, сведочеше бизнисменот Сачавалиев. Тој додаде дека вечерта бил збунет и му рекол на Заев дека ќе размисли.
„Потоа размислив и одлучив на 19 декември да го пријавам во МВР, а оттаму ме однесоа во Обвинителството. Додека траеше тоа, се слушнавме уште неколкупати со него и ми ја симна понудата од 3 на 2 евра – едно за него и едно за црквата. Го прашав каде да ги уплатам парите? Ми рече моите и на црквата ќе ги уплатиш кај брат ми Вице“, вели сведокот Сачевалиев.
Обвинителката Валентина Бислимовска го праша сведокот од каде Заев знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште. Сачевалиев рече дека тоа било при разгледувањето на деталните урбанистички планови, додавајќи дека повеќепати се среќавале и се слушале со Заев и на речиси секоја од средбите од Заев го добивал истиот услов за откуп. На предлог од неговиот син наместо евро за црквата да дадат градежни материјали за нејзината изградба, сведокот рече дека Заев одбил.
Судот одлучи по барање на Обвинителството да ја почека правосилноста на одлуката за јавно прикажување во судницата на ПИ-мерките од кабинетот на Заев.
Во кривичниот суд денеска сведочи бизнисменот Иван Николов Сачевалиев во предметот„Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев. Сачевалиев не се појавуваше на досегашните судски рочишта за предметот, а на последното судијата рече дека успеале телефонски да го добијат за да дојде на судењето. Судот го прифати барањето на Зоран Заев и на неговите адвокати снимките за „Поткуп“ обезбедени како посебни истражни мерки да бидат изведени во присуство на јавноста. Заев рече дека побарал јавноста да биде присутна поради фактот дека е премиер и претседател на најголемата политичка партија, со цел да врати дел од загубените чест и углед во јавноста што му биле нарушени со нивното делумно објавување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

