Македонија
(Видео) Професори порачуваат: Под итно да се прекинат преговорите за името со Грција
Грција нема проблем само со името на нашата земја, туку и со нашиот идентитет, односно нацијата, јазикот, културата и традицијата и затоа треба да се прекинат преговорите, е главната порака од јавната трибина на тема „Името и идентитетот: академски одговор“ што се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.
„Наша катастрофална грешка беше што прифативме да преговараме за името, бидејќи има работи кои не се предмет на расправа. Со преговарањето само дозволуваме да проблематизираме нешто што не е проблематично. Преговорите ќе завршат онака како што почнаа – како лакрдија“, порача академик Витомир Митевски. Тој нагласи дека расправата за името на еден народ и држава не е нешто ново и необично и не е чудно што некои земји во светот имаат не по едно, туку по две, три и повеќе имиња, односно ендоними – како сами се нарекуваат и егзоними – како други ги нарекле од надвор.
„Тоа се случувало во колонијалните земји кога колонизаторите им наметнувале име за надворешна употреба, а тие си имале за внатрешна. По завршувањето на колонијалното ропство си го врќале своето име и тоа било прифатено од меѓународната заедница. Нас не третират полошо и од колонијалните земји, бидејќи ни се наложува име не само за надворешна употреба, туку и за внатрешна. Како поминува времето апетитите на Грција само се зголемуваат. Решение е да се прекинат преговорите за името“, рече академик Митевски.
Според проф. д-р Михајло Поповски, евидентна е нетранспарентноста со која се водат преговорите под закрилата да не му се наштети на процесот. Евидентно, како што кажа, е и немањето план што да се прави во случај на неуспех на преговорите.
Проф. д-р Бранислав Саркањац вели дека проблемот со името со Грција во голема мерка се должи на еднолинеарната историја според која токму Грција е лулката на европската демократија и е идеал врз кој се градел идентитетот на Германија и на Британија.
Проф. д-р Билјана Ванковска порача дека сите се соучесници во тоа што се случува и додаде дека голем дел од академската фела молчи и преферира да не се впушта во дебатирање за да не бидат предмет на стигматизација и лов на вештерки.
„Во голем дел тоа го разбирам бидејќи политичките елити подржани од одредени универзитетски професори порачаа – вие подобро да молчите, ова е критичен момент за Република Македонија во процесот на решавање на името. Молчете, не бранувајте и немојте да го расипете процесот. Ниту една држава која е зрела не би се однесувала поданички како што тоа го прави Македонија. Ако ние не си го решиме нашиот проблем тогаш веројатно и понатаму ќе бидеме предмет на решавање на некој друг фактор“, рече Ванковска.
За проф. д-р Благоја Јанаков целта на наметнатиот проблем со името е да се разнебити македонскиот народ, а во тоа предничат САД и Британија силите кои и даваат поддршка на Грција исто како и НАТО и Европската унија. Фактори на разнебитување се и соседните земји.
„Грчките влади не прифаќаат постоење на македонски јазик и култура и во последните 100-тина години направиле многу злодела кон Македонците. Целта на грчката власт е укинување на македонскиот јазик и идентитет. Во Македонија има и внатрешни чинители за разнебитувањето“, рече Јанаков.
Проф. д-р Далибор Јовановски посочи дека сите пет предлози кои се дадени за името се лоши и неприфатливи за Македонија, а последниот предлог даден од медијаторот Метју Нимиц е убедливо најлош до сега, бидејќи во него се застапени сите грчки барања.
„Веќе 25 години преговараме за името. Уште од почетокот на преговорите Грците сакаат да ни го сменат идентитетот и велат дека името Македонија не може да се користи во етничка конотација. Тоа го прават заради себе за да го зачуваат нивниот идентитет бидејќи во 19-от век имале дилема дали се Ромеи, односно православни Византијци или Хелени, наследници на античките Грци. Имаат проценето дека нашата држава не е хомогена одвнатре и наметнуваат нелогични барања криејќи се зад „ни ја крадете историјата“ и бараат менување на нашиот идентитет односно на нацијата, јазикот, културата, традицијата“, посочи Јовановски.
Според него, проблемот нема да се реши доколку се согласиме на промена на привремената референца со некое ново име за меѓународна употреба, бидејќи, како што наведем, кога ќе дојде време за прием во ЕУ ќе решат дека не може со македонски јазик (macedonian language) како службен јазик да се влезе во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

