Македонија
Владата одлучи – новиот Клинички центар ќе се гради во општина Карпош

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за започнување на Проектот за изградба на комплекс Универзитетски клинички центар на локација во општина Карпош, и го задолжи Министерството за транспорт и врски, и соодветните институции и општина Карпош, да извршат измени во урбанистичките и катастарските и други планско урбанистичко – проектни документи за 2018 година.
Со оваа одлука на Владата, Министерството за здравство треба да му препорача на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, да формира Стручна комисија и да спроведе јавен конкурс за идејно решение на дел од комплексот Универзитетски клинички центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на младите: Мора да им овозможиме учество на младите во управувањето со сегашноста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Билјана прими млади од Охрид, по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите.
Меѓу нив беа: претставници на Младинскиот центар Охрид, членови на Младинскиот совет од Охрид, првенци на генерацијата од трите средни училишта во градот, креатори на еко-апликацијата „Trashpinger“, учесници во меѓународни младински размени, како и членови на Летната школа за гитара и Летната ликовна школа при МЦО.
Таа упати честитка по повод Меѓународниот ден на младите, нарекувајќи го „најважен празник на светот“.
Младите ги презентираа своите ИТ-вештини, како и талентите во сликарството, танцот и музиката. Најуспешните средношколци ги споделија искуствата од школувањето и плановите за иднината, а учесниците во меѓународната размена информираа за позитивните искуства од посетата.
За претседателката, Охрид ќе биде поубав, доколку се искористат знаењето, умот и талентот на младите луѓе, како носители на нови идеи. Возрасните мора да им овозможат на младите учество во управувањето со сегашноста, ако сакаат подобра иднина.
За сите, важна претпоставка за младинското учество во процесот на одлучувањето е донесувањето на измените на Законот за младинско учество и младински политики.
Таа им се заблагодари на гостите за прекрасниот ден.
Македонија
СДСМ: Полицијата на Тошковски повторно во служба на сеење страв – се легитимираат новинари!

„СДСМ ги осудува постапките на полицијата на Тошковски во Демир Хисар, каде полициски службеници легитимираа новинари на јавен простор, со видливо истакнати новинарски легитимации. Недозволиво е полицајци на јавен простор да ги третираат новинарите како „непознати лица“ кога на себе имаат легитимации“, велат од СДСМ.
„Знаеме дека Тошковски е уплашен од вистината, од силните реакции на јавноста за сите скандали што ги прави, но не може да ја претвори полицијата во инструмент за сеење страв и замолчување.
Нека ги остави Тошковски новинарите да работат и да известуваат за прашања од јавен интерес. Наместо да ги попречува, полицијата е должна да ги штити нив и новото право за работа без било каков притисок.
Секое друго однесување е директен удар врз слободата на медиумите“, соопшти СДСМ.
Македонија
Средба на градоначалникот Ѓорѓиевски со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари конструктивна средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу. На средбата се разговараше за можностите за унапредување на бизнис-климата и создавање услови за нови инвестиции.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста на институционалната поддршка за стопанството, како и заедничките заложби за создавање поволна средина за развој на претпријатијата. Беше истакнато дека добрата соработка помеѓу општината и бизнис-заедницата е клучен предуслов за економски раст, отворање нови работни места и задржување на младите во земјата.
„Како локална самоуправа, имаме јасна цел – да обезбедиме стабилна институционална поддршка за стопанството. Соработката со Стопанската комора на Северозападна Македонија може да овозможи побргу да ги препознаеме потребите на бизнисите, да ја намалиме административната бариера и да креираме политики што ќе резултираат со нови инвестиции и економски развој. Верувам дека заедно можеме да направиме значителен исчекор во создавање современа и конкурентна деловна средина“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски по средбата.
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу, упати честитки до градоначалникот за досегашната успешна работа и му посака успех во неговите понатамошни кариерни чекори.