Црна хроника
Пријави за аптеки од Куманово кои затаиле данок продавајќи „трамадол“
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против М.Б. (50) од Куманово и Друштво за трговија на големо и мало „Гео-фарм“ увоз-извоз Куманово поради сомнение за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“, „даночно затајување“ и „фалсификување исправа“. Кривична пријава е поднесена и против А.И. (44) од Куманово и приватна здравствена установа-аптека „Шенди фарм“ Куманово. Тие набавувале и продавале аналгетик „трамадол“ без да платат данок, со што го оштетиле буџетот за 165.082 денари.
Според МВР, во периодот од 28.03.2017 година до 27.04.2017 година М.Б. како сопственик и управител „Гео-фарм“ увоз-извоз Куманово во пет наврати од фармацевска, козметичка и диететска индустрија од земјава набавил 57.000 кутии опијатен аналгетик „трамадол“ со вкупен износ од 2.920.942 денари. Во текот на 2017 година на А.И и аптеката „Шенди фарм“ Куманово им продал 34.000 кутии во вредност од 1.955.000 денари. Остатокот од 23.000 кутии со вредност од 1.414.099 денари го пуштил во промет на непознати лица, за што во книговодствена евиденција прикажал лажни податоци со што избегнал плаќање данок од 67.332 денари и за тој износ го оштетил буџетот. На 9.02.2018 година, по извршена контрола од Агенцијата за лекови и медицински помагала, М.Б. изготвил пет фиктивни фактури во кои навел дека во периодот од 31.01.2018 година до 5.02.2018 година на аптеката „Шенди фарм“ Куманово и продал 34.000 кутии „трамадол“.
Од друга страна, пак, пријавениот А.И. во периодот од 28.03.2017 година до 15.05.2017 година, како сопственик и управител на аптеката „Шенди фарм“ Куманово, во 17 наврати од „Гео-фарм“ увоз-извоз Куманово набавил 34.000 кутии опијатен аналгетик „трамадол“ со вкупен износ од 2.052.920 денари. За набавката извршил плаќање на „Гео-фарм“ што е евидентирано преку изводи на трансакциона сметка, а набавената количина на лекот воопшто не ја прикажал во материјалното книговодство во тек на 2017 година. При контрола од Агенцијата за лекови и медицински помагала, покрај наведените неправилности било констатирано дека „Шенди фарм“ го издавал аналгетикот без рецепт од специјалист. На тој начин било избегнато плаќање данок од 97.750 денари и за тој износ бил оштетен буџетот. Пријавените на тој начин го оштетиле буџетот за вкупно 165.082 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

