Македонија
Марковите Кули прогласени за споменик на природата
Општина Прилеп започнува со реализација на проектот „Маркови кули-заштита и делување“, како дел од Програмата „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, што ја спроведува УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, а финансиски поддржана од ИПА фондовите на Европската Унија.
Покрај градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната промоција на проектот присуствуваа амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации, Луиза Винтон.
Јованоски го истакна задоволството од почетокот на реализација на проектот и прогласувањето на локалитетот „Маркови Кули за споменик на природата„, потенцирајќи дека зголемениот обем на посетители и развојот на туризмот, предизвикаа негова неконтролирана експлоатација и деградација.
„Токму овој проект на Општина Прилеп, Маркови Кули – заштита и делување’, е во насока на надминување на овие проблеми и има за цел да го подобри управувањето со заштитеното подрачје, со воведување заштитни механизми и систем за мониторинг. Проектот ќе овозможи развој на мали инфраструктурни зафати за подобра пристапност на посетителите и подобрено информирање на локалната заедница, а преку непосредна соработка со Институтот за старословенска култура, ќе придонесе за зачувување на овој споменик на природата“, истакна Јованоски.

Градоначалникот појасни дека проектот предвидува инвентаризација и подготовка на бази на податоци за најзначајните биогеографски и културни локации, воспоставување на планови за собирање на отпад и заштита од пожари. Со проектот е предвидено поставување на видео мониторинг систем, патокази и информативни табли, означување и уредување на патеките, изградба на видиковци и други активности што ќе го подобрат пристапот и ќе ја подигнат свеста на посетителите и локалното население.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар потенцираше дека Европската Унија посветува особено внимание на заштитата на животната средина и на биодиверзитетот, за што доволно кажува податокот за инвестираните 6 милиони евра во проекти од таа сфера.
Луиза Винтон, постојаната претставничка на УНДП, рече дека секој од 17-те грантови што се имплементираат од УНДП со финансиска поддршка на ЕУ, се во висина до 100.000 евра, но истовремено најави дека дополнително ќе бидат доделени и 8 други поголеми грантови во висина од по 400.000 евра.
„Овие грантови се наменети за националните паркови: Галичица, Пелистер и Маврово, потоа за Дојранското, Охридското и Преспанското езеро, како и за Јасен и за кањонот Матка. Кога зборуваме за заштитен предел или за заштитена локација, луѓето мислат дека тоа значи изградба на ограда околу таа локација и да не се дозволи пристап на луѓето и сето тоа да се држи изолирано од нив. Меѓутоа нашиот пристап е поинаков, затоа што под заштита на природата и заштитените подрачја, ние подразбираме понатаму да се промовира заштитата на овие локации, се’ со цел, како што кажа градоначалникот, да може да се развие и туризмот и разни видови спорт. Да не се уништи природата, туку да се зачува природата во интерес на локалното население“, истакна Луиза Винтон.
За време на денешниот престој во Прилеп, амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар и претставничката на УНДП, Луиза Винтон, ги посетија јавната научна установа Институт за старословенска култура, Музејот за тутун и манастирот „Трескавец“ со црквата „Успение на пресвета Богородица“,како дел од културното богатство на Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Цветаноски: Доволно е власта да се откаже од криминални тендери и ете пари за минимална плата од 600 евра
Имајќи ја предвид тешката економска положба на работниците, намалениот животен стандард и барањата на синдикатите, СДСМ поднесе закон за зголемување на минималната плата на 600 евра.
И наместо да ги покачи платите на работниците и да обезбеди пари, ВМРО тргна во медиумски напади врз СДСМ, а потоа и врз синдикатите, истакна на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Владата вели за работниците „нема пари“. Но има пари за криминални тендери, има пари да се планира купување нов владин авион и туристички патувања, како оние во Давос, со државни пари.
Затоа веднаш се стави во погон партиската говорница на ВМРО и медиумските кујни под контрола на Орбан.Секојдневно се напаѓа СДСМ. Вистината е тешка за власта. СДСМ беше конструктивна, СДСМ поднесе закон неколкупати за покачување на платите, за стандардот на граѓаните, за минималната плата. Власта одби. ВМРО и Мицкоски си поигруваат со достоинството на работниците. ВМРО тера црна кампања, Мицкоски јавно се шегува, им поставува услови, им дели задачи, им порачува кого „ќе чекал во четврток“, додава таа.
Ова, како што вели, е ароганција кон оние што едвај врзуваат крај со крај.
Според неа, наместо да ги напаѓа работниците и СДСМ, Владата треба да обезбеди пари за поголеми плати.
„Доволно е да се откаже од криминалните тендери и ете ги парите. 600 евра минимална плата не е луксуз – тоа е минимум за достоинствен живот“.
Македонија
Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, во рамки на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.
Гаши оствари средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на Парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбата, соговорниците разговараа за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.
Гаши ја истакна посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласи и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност, особено на Западен Балкан.
Во продолжение на посетата, претседателот на Собранието оствари средби и со директори на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.
На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговараше за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Исто така, на средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговараше за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изрази благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет , дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и Програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.
На сите средби, претседателот Гаши високо ја оцени континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди, потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.
Во овој дел од агендата, Гаши беше придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав беа министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Инаку, за време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај бројните средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

